Северна Македонија со 638 бодови се наоѓа на 25. место според Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ), што претставува обид за мерење и рангирање на имплементацијата на здравствената заштита од гледна точка на потрошувачот или примателот на услугата.
Во последниот извештај на „Јуро хелт консјумер индекс“, се наведува дека Северна Македонија во 2014 година била „Ракета на годината“, кога го зазеде 16. место со 700 бодови, што беше скок од 11 места, односно од 27. место и 555 бодови во 2013 година. И во последниот извештај се посочува дека на ниту една земја не и успеало само за една година да се искачи за 11 позиции.
Областа, каде што Северна Македонија сè уште треба да напредува се резултати од вистински медицински третман. Нема брз лек за ова, дури и со многу одлучно лидерство, веројатно ќе бидат потребни најмалку пет години за да се има значително подобрување. Се чини дека некои методи од стари третмани, кои сè уште се во употреба од времето на Југославија, го попречуваат подобрувањето, се вели во извештајот.
Земјата направи извонреден чекор напред во електронското закажување на прегледи – од јули 2013 година, секој матичен лекар може да резервира преглед кај специјалист во земјата во реално време, додека пациентот седи до лекарот и да закаже со само со неколку кликнувања со глувчето.
Со ова суштински е елиминирано времето на чекање, доколку пациентот е подготвен да патува на кратко растојание (од точка до точка во земјата треба да се минат околу 200 километри со тоа што главниот град Скопје се наоѓа прилично централно). На овој начин Северна Македонија доби високи резултати за пристапност, особено во амбулантска грижа, но се уште треба да се работи кога е во прашање болничката нега и напредна дијагностика.
Рангирањето е направено во осум области со повеќе критериуми. Оценките се „добро“, „лошо“ и „неутрално“.
- Права на пациентите и информации – Со „добро“ се обележани критериумите: Организации на пациенти инволвирани во носење одлуки, право на второ мислење, пристап до своето медицинско досие, регистар на лиценцирани доктори, веб страна или телефонска линија која овозможува 24/7 интеркација со пациенти, помош во странство финансирано од својата земја, Каталог со ранкинг на квалитет (лошо), Достапност на досието на пациентот преку интернет (добро), онлајн закажување преглед, е – рецепти (неутрално). Во оваа област Северна Македонија има 113 бода, додека Холандија и Норвешка ја предводат оваа листа со 125 бодови.
- Пристапност (време на чекање за третман) – Пристап до семен доктор истиот ден (добро), директен пристап до специјалист (неутрално), Голема операција по избор за помалку од 90 дена (лошо), терапија за канцер во рок од 21 ден (добро), компјутерска томографија за помалку од седум дена (лошо), време на чекање за педијстриска психијатрија (добро). За овој дел земјата има 163 бода, а најдобро рангирани се Швајцарија со 225 бода, додека Бугарија и Србија се при врвот со 200.
- Резултати. Стапка на смртност за 30 дена по акутен миокарден инфаркт (неутрално), Стапка на смртност за 30 дена по удар (лошо), смртност на новороденчиња (лошо), стапка на преживување на канцер (лошо), смрт пред 65-годишна возраст (неутрално), МРСА инфекции (лошо), стапка на абортус (добро), стапка на самоубиства (неутрално) Во овој дел Северна Македонија има само156 бода, додека Финска има 278, исто како и Швајцарија и Норвешка.
- Опсег и пристап на обезбедените услуги. Еднаквост на здравствениот систем (лошо), Стапка на операции на катаракта на возраст над 65 години (неутрално), стапка на трансплантации на бубрег (лошо), вклученост на стоматолошките услуги во понудата на јавното здравство (добро), неформални плаќања на доктори (лошо), долгорочна грижа за постарите (лошо), стапка на дијализи изведени надвор од клиника (лошо), царски рез (неутрално). Според овие критериуми, Северна Македонија има 63 бода, додека Шведска и Холандија по 125 а Финска 120 бодови.
- Превенција. Вакцинација на новороденчина против осум болести (неутрално), крвен притисок (лошо), превенција на пушење (лошо), алкохол (добро), физикална терапија (добро), ХПВ вакцина (добро), смрт од сообраќајни незгоди (лошо). Земјава е оценета со 83 бода, додека лидери се Велика Британија и Холандија со 113 бодови.
- Фармација. Субвенционирање на лекови (добро), не се применливи индикаторите за употребата на нови лекови за канцер, артритис и пристап до нови лекови, употреба на статин (неутрално) и употреба на антибиотици по глава на жител (добро). Во таа област, имаме 61 бод, додека водечки се Германија и Холандија 89 бодови.