Македонија може да биде организатор и на ЕП за мажи

198

Првиот човек на Европската Ракометна Федерација, Михаел Видерер, беше во посета на Скопје, еден од организаторите на Европско првенство за жени кое што се одржува во моментов.

Тој од трибините во СЦ „Борис Трајковски“ ги следеше натпреварите од Групата 2, а потоа зборуваше на неколку теми поврзани со македонскиот ракомет. Видерер истакна задоволство од тоа како е организрано првенството во македонската метропола и е убеден дека во иднина нашата земја може да биде домаќин на групна фаза на Европско првенство и во машка конкуренција.

-Задоволен сум како се одвива шампионатот во сите три земји. Мислам дека Македонија го положи испитот, тука на секој чекор ја чувствувам пасијата на луѓето за ракометот. Така е со децении. Жалам што нема повеќе гледачи во салата во главната фаза, но тоа е разбирливо со оглед на тоа што не настапува домашната селекција. Морам да ја пофалам работата на федерацијата, комуникацијата со претседателот, растот на инфаструктурата во Македонија. Пред многу години тука во Скопје ги немаше овие објекти. Се игра натпревари во СРЦ „Кале“. Сега ги имате СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“, имате сместувачки капацитети, убави хотели, ништо не недостасува. Со овие успешни сигнали убеден сум дека и во иднина Македонија ќе може да организира групна фаза на Европско првенство во машка конкуренција, истакна Видерер.

Покрај Видерер, кусо обраќање имаше и првиот човек на македонскиот ракомет Живко Мукаетов.

-Ние како Ракометна федерација на Македонија сме задоволни од завршената работа. Организираме добро првенство, имплементиравме стотици волонтери кои го засакаа ракометот, а нацијата пулсираше со женската репрезентација на Македонија неколку недели. На овие девојчиња до пред извесно време не им ги знаеја ниту лицата, а сега се миленици, ѕвезди, важни спортски авторитети во нашата земја, истакна Мукаетов.

Македонија го заврши настапот уште по групната фаза со три порази од селекциите на Франција, Холандија и Романија.