Македонија заедно со Србија се лидери по бројот на пушачи во регионот. Анализите на ИЈЗ покажуваат дека околу половина од населението во земјава барем во некој период од животот посегнало по тутунот. Загрижувачки е податокот што околу 30 отсто од младата популација во земјава се пушачи, меќу нив има и деца од 14 -15 години кои што се активни пушачи.
Македонците во просек пушат по 20 цигари на ден, а најбројни меѓу пушачите се мажите. Исто така кај нас се регистрирани најниски цени на цигари не само во регионот, туку и во Европа, па може и тоа е причина за достапноста на тутунот..
Овие поразителни бројки се објавени по повод 31 Мај, Светски ден за борба против пушење. На овој ден секоја година Светската здравствена организација укажува на штетните последици од употребата на тутун и од пасивната изложеност на чадот од тутунските производи.
Исто така, СЗО постојано го потенцира тутунот како причина и ризик фактор за повеќе заболувања меѓу кои и кардиоваскуларните болести, малигните и респираторните заболувања и дијабетесот.
Според СЗО, Македонија е на четврто место во светот според преваленца на пушење која се проценува на 46 отсто кај лица постари од 16 години.
(В.Ма.)