Брзата пруга од Атина, преку Скопје и Белград до Виена, била една од темите за кои разговарале македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот српски колега, Милош Вучевиќ, заедно со ресорните министри во двете влади. Мицкоски и Вучевиќ разговарале и за изградбата на гасен интерконектор од Грција преку Македонија до Србија и централна Европа, како и за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји и меѓусебна поддршка на евроинтеграциите. Премиерот Мицкоски изјави дека Владата планира земјава да ја направи раскрсница во патната, енергетската и железничката област и да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот, што според македонскиот премиер е возможно поради географската положба на земјава, која е многу значајна за овој дел од Европа. Патното поврзување на коридорот 10, како што кажа, горе-долу е завршено, останува да се до реализира коридорот 10-Д. Се реализира и коридорот 8 со што по нивното завршување стануваме раскрсница. Во делот на железничкиот превоз ист приоритет имаат коридорите 8 и 10. Мицкоски рече дека за коридорот 8, наскоро во Брисел ќе има средба од високо ниво за да се види што планира Бугарија, а на коридорот 10 се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација и да се зголеми брзината од 35 на 110 до 120 километри на час или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од 220 до 250 километри на час, но тоа е четирипати поскапо. Во делот на енергетиката треба да се реализира 400-киловолтниот далновод со Албанија и гасните интерконектори со Грција и Србија за да станеме раскрсница.
-Наша цел како Влада е да бидеме раскрсница во три области – патна, енергетска и железничка и на тој начин цениме дека ќе бидеме приоритет во зеницата на поголемите држави. До крајот на годинава очекуваме конечно да заврши тендерот со нашиот јужен сосед за да можеме да го изградиме интерконекторот со нив. Финансирање имаме обезбедено, ЕБОР и ЕИБ практично ќе бидат финансиерите на овој проект, очекувам договор и веќе на пролет да почне да се гради, но тоа не би значело ништо доколку не биде во фаза на развој и изградба и интерконекторот со Србија, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје.
Премиерот појасни дека капацитетот на интерконекторот со Грција е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас, а ние во земјава трошиме само 500 милиони нормални кубни метри.
-Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде добијат уште некои количини на гас, рече Мицкоски и додаде дека очекува Украина во текот на зимата да влече голема количина на гас од Европа, со што, како што кажа, ќе се зголеми цената на природниот гас.
Тоа зголемување мораме да го пречекаме подготвени и тоа не само годинава, туку и во годините што ќе следуваат, рече Мицкоски и токму поради тоа се развиваат проектите за интерконективно гасно поврзување.
Гасовод во 2027 година
Вучевиќ најави дека до 2027 година ќе биде реализиран гасниот интерконектор меѓу двете земји и додаде од денеска практично почнуваат со негово проектирање, како и дека до крајот на ноември Србија ќе ја пушти во употреба брзата пруга од Белград до Суботица.
-Очекуваме за три години својот дел од пругата да го направи и Унгарија и за три години да имаме извонредно брза пруга меѓу Белград, Нови Сад, Суботица и Будимпешта. Паралелно работиме на делот од Белград до Ниш и ќе продолжиме до Врање. Затоа сакаме официјално да ја чуеме пораката од Скопје како го гледаат коридорот 10 за да може понатаму да се гради пругата и кон границата со Северна Македонија. Добив уверување дека е тоа цел и на нивната влада така што ние ќе правиме брза пруга до границата, рече Вучевиќ.
За четири до пет години, како што посочи, Србија ќе го заврши својот дел од работата со вклучен побавен дел од пругата во должина од 20 километри во делот на Грделичка клисура.
Премерот Мицкоски, пак, рече дека не гледа причина зошто до 2027 година не би бил изграден интерконекторот и додаде дека е убеден дека успешно ќе биде завршено она што денеска се почнува.
-Мора да имаме цел и таа цел да ја оствариме. Затоа не гледам причина зошто интерконеткорот не би бил готов до 2027 година. Со денешниот Меморандум за соработка во делот на енергетиката рударството и минералните суровини и двете влади се обврзаа дека тоа ќе претставува приоритет, посебно за нас. Гасниот интерконектор треба да биде приоритет и за Централна Европа, бидејќи ќе обезбеди опција за нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас кои сега ги нема. Со тоа ќе се намали зависноста од рускиот гас, имајќи предвид дека во Украина истекуваат или до крајот на годинава ќе истечат сите договори за транзит на руски гас и не се знае каква ќе биде понатамошната судбина со што единствената опција за Централна Европа останува „Јужниот поток“. Затоа, за нас како две држави, е главен приоритет гасниот интерконектор. За нас, пак, како држава е приоритет прво да го завршиме интеконекторот со Грција, а потоа и со Србија, потенцира Мицкоски.
Нова траса за брзата пруга?
Во делот на брзата пруга истакна дека земјава треба да ја заврши домашната задача – да реши дали ќе оди на постојната траса или ќе се гради на нова.
-Имаме концепт да влеземе во процес на финансирање, дизајн, проектирање, изградба и трансфер. Се обидуваме сега финансиски да го затвориме тој проект, а не само технички зашто немаме можност во Буџетот да го финансираме во следните години. Мислам дека успешно ќе го затвориме и откако ќе го утврдиме приоритетот, можеби ќе биде тема на некој од следните состаноци со српскиот колега. На тој начин ќе можеме заеднички со поддршка од Грција, Унгарија, Австрија и Словачка да обезбедиме средства за реализирање на овој коридор кој е ‘рбет на овој дел од Европа, потенцира Мицкоски.
Премиерот вчера го пречека неговиот српски колега со највисоки државни почести, со свечен пречек на црвен тепих пред Владата, со почесна стража и интонирање на химните на Македонија и на Србија. Сенка остави тоа што ниту еден министер етнички Албанец, од коалициониот партнер Вреди, не дојде на пречекот на српскиот премиер, ниту пак, првиот вицепремиер Изет Меџити. До затворањето на весникот немаше официјален став од коалицијата Вреди дали отсуството на нивните претставници значеше бојкот на премиерот Вучевиќ и делегацијата од Србија.
Заеднички пат кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ изјави дека двајцата изразиле силна поддршка за заедничкиот пат кон ЕУ. Мицкоски рече дека е неопходно да работиме за стабилност и безбедност на целиот регион и дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи, рече Мицкоски. Двајцата премиери разговарале како да се продлабочи економската соработка, да се поврзат луѓето и да се создадат можности за идните генерации. Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.
-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот дотаму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.
Српскиот премиер истакна дека Македонија и Србија имаат традиционално добри односи и порача дека Белград се залага за заеднички евроинтегративен пат.
-Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ.