!Во интервју за ВЕЧЕР, младиот Тома Георгиевски открива во какви услови тренира сега во однос на оние што ги имал во нашата земја, што најмногу му недостига кога е традиционалната македонската кујна во прашање и воедно додава дека никогаш не добил покана од младинските селекции, иако минатата година се закити со титулата во националниот шампионат на Италија до 18 години
Македонија изобилува со таленти, но ретко кој знае да ги препознае. Еден од нив е младиот македонски фудбалер Тома Георгиевски (17 години), кој настапува за младинскиот тим на италијанската Џенова.
Во интервју за ВЕЧЕР, тој открива во какви услови тренира сега во однос на оние што ги имал во нашата земја, што најмногу му недостига кога е традиционалната македонската кујна во прашање и воедно додава дека никогаш не добил покана од младинските селекции, иако минатата година се закити со титулата во националниот шампионат на Италија до 18 години.
Колку се подобри условите во Италија однос на македонските, со оглед на тоа што играше за Њу стар пред повеќе од една година?
– Условите во Италија се навистина подобри во однос на терените, опремата и на организацијата. Се вложува многу во тренинзите. Се работи многу на вежбите за акција, на дриблинзите, на прецизноста. Но, можам да кажам дека и Њу старс ми даде добра основа за да се вклопам во новата средина.
Како те прифатија во Џенова со оглед на тоа што веќе цела сезона си таму?
– Секој почеток е тежок, но свесен сум дека треба време. Италијанскиот фудбал е на високо ниво, Италија е фудбалска нација и не оди така лесно. Секој се бори за своето место и треба да се биде многу упорен и дисциплиниран. Беше проблем и јазикот, додека го научив и сето тоа влијаеше на моето приспособување во новата средина. Сепак, благодарение на помошта од моите соиграчи, тренери и тутори, добро се адаптирав.
Секогаш е убаво чувството кога ќе се освои титулата во домашното првенство. Ќе може ли да ни ја опишеш твојата радост по круната со која се закитивте во националниот шампионат У-18?
– Прекрасно е чувството да се освои титулата во домашното првенство. Да се биде дел од националниот шампионат У-18, беше голема радост и чест за мене. Во екипата владеат хемија и сплотеност, и тоа беше голема предност. Многу сум среќен што бев дел од тоа. Беше изненадување што ги победивме екипите како Рома, Интер, Милан. Таа радост е сон за секој играч.
Дали некогаш доби повик да го облечеш националниот дрес на Македонија?
– Откако сум во Џенова, немам добиено повик.
Што најмногу ти недостига од македонската кујна ако е познато дека Италија, исто така, има вкусна и препознатлива храна како пица, паста?
– Нашата скара е незаменлива во тој поглед. Ми недостигаат домашните јадења, но компензирам со италијанската пица.
Со оглед на тоа што играш во средниот ред, дали твојот омилен фудбалер е на таа позиција?
– Не, мој омилен фудбалер е Меси. Но, исто така, ми се допаѓа и стилот на Неимар.
Ќе можеш да се сетиш на некоја анегдота од теренот?
– Ха, има многу, но еве ќе издвојам една кога дојде еден соиграч на тренинг со две леви копачки, па мораше да тренира бос.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ
ФОТО: П. Стојановски