Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди деталите за ждрепката за претстојното Европско првенство за жени, на кое еден од домаќините ќе биде и Македонија. Заедно со Словенија и Црна Гора, Ракометната федерација на Македонија ќе биде коорганизатор на континенталниот собир.
Нашата женска репрезентација ќе се натпреварува во групата Ц на која ќе бидеме и домаќини, а ривалите ќе се дознаат на 28 април, за кога е закажана ждрепката. Јасно е дека Македонија нема да може да се судри со Словенија или Црна Гора, кои како домаќини ги добија групите Б, односно Д.
Своето место на Европското првенство преку квалификациите веќе го обезбедија Норвешка, Полска, Швајцарија, Данска, Холандија и Франција, додека останатите ќе одиграат уште по две кола во кои ќе се одредат патниците на собирот. Извлекувањето на четирите групи со по четири репрезентации е закажано за 28 април во Љубљана.