-Србија го бара по потерница за воени злосторства, а Македонија треба да распише меѓународна потерница за бегството од притвор, кој бил домашен а потоа преиначен во ефективен притвор. Тука не завршува приказната и Македонија мора да распише потерница. Ниедна правна држава не смее да си дозволи да не се почитуваат одлуките и решенијата кои ги донела. Македонскиот суд донел одлука да му се одреди домашен притвор, а потоа и ефективен, со тоа што тој избегал го прекршил решението на нашиот суд и мора да има потерница. Ако ова не го направат не може да се сметаме дека имаме правна држава, вели за весникот ВЕЧЕР, адвокатот Звонко Давидовиќ.
Кривичниот суд повторно ќе треба да одлучува за барањето за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, откако Врховниот суд завчера одлучи да го поништи решението со кое се одбива барањето за негово испорачување во Србија. Освен што предметот е вратен на повторно одлучување, според адвокатот Звонко Давидовиќ, Кривичен суд покрај повторување на постапката по барањето на Србија за екстрадиција, треба да распише и меѓународна потерница од Македонија, бидејќи Рамадани со бегството од притвор ги прекршил одлуките и решенијата на македонскиот суд.
Рамадани, кој на 17 јули годинава беше уапсен на граничниот премин „Јажинце“, по меѓународна потерница од Интерпол во Србија првично беше во екстрадиционен притвор, а од први овој месец со одлука на судијата Пајазит Пајазити беше префрлен во домашен притвор. На 14 август тој избега од домашниот притвор, истиот ден кога совет од тројца судии по жална на Обвинителството домашниот притвор му го замени со ефективен притвор.
Веројатно по жалба на обвинителството Врховен суд ја поништил одлуката на Кривичен суд и ја вратил на повторно разгледување. Не сум ја видел одлуката, но во неа сигурно има напатствија како кривичниот суд треба да постапи при повторното разгледување на предметот, изјави за ВЕЧЕР, Давидовиќ.
Тој објаснува дека додека тече оваа постапка, не значи дека Кривичниот суд не треба да распише меѓународна потерница по Рамадани, независно од меѓународната потерница на Србија.
-Србија го бара по потерница за воени злосторства, а Македонија треба да распише меѓународна потерница за бегството од притвор, кој бил домашен, а потоа преиначен во ефективен притвор. Тука не завршува приказната и Македонија мора да распише потерница. Ниедна правна држава не смее да си дозволи да не се почитуваат одлуките и решенијата кои ги донела. Македонскиот суд донел одлука да му се одреди домашен притвор, а потоа и ефективен, со тоа што тој избегал го прекршил решението на нашиот суд и мора да има потерница. Ако ова не го направат не може да се сметаме дека имаме правна држава, изјави Давидовиќ.
Врховниот суд завчера соопшти дека го укинува решението на Основниот кривичен суд Скопје за предметот за екстрадицијата на Рамадани и предметот го враќа на повторно одлучување и постапување. Во образложението на Врховниот суд стои дека во одлуката на кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Рамадани, не дал образложени причини зошто прифатил место во скратена постапка таа да се води како редовна.
-Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука, соопшти Врховниот суд.
За бегството на Рамадани од притвор и вчера политичките партии продолжија со меѓусебни обвинувања, за тоа кој потфрлил и дозволил тој да избега од притвор.
Опозициската СДСМ вчера ги повтори обвинувањата дека за бегството на Рамадани директно е одговорни Министерството за внатрешни работи и дека по добиени информации од свиркачи во неговото бегство се директно вклучени полициски началници. Тие обвинија дека четири дена пред бегството, Рамадани повторно вработени во МВР со возило го однеле на Косово и повторно вечерта го вратиле, а на денот на бегството бил вклучен и вработен во Општина Чаир.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ единствениот виновник што Рамадани избега од земјава е судијата Пајазити, кој ако не го преиначел притворот во куќен сега тој би бил во Шутка, а не на Косово. Според владејачката партија обвинувањата од СДСМ доаѓаат за да се покрие дека избеганите затвореници кои извршија убиство кај Мавровка, избегале од затвор кога директори на затворите биле луѓе од СДСМ.
Опозициската ДУИ пак побара обвинителството да ги повика челниците од коалицијата Вреди, кои се пофалиле дека го ослободиле Рамадани. Тие прашаа дали членовите на Вреди се согласуваат со нивниот коалициска партнер дека за бегството на Рамадани е виновен судијата Пајазити или, пак, дека вината е всушност кај МВР.
Мицкоски: Обвинувањата од СДСМ се ноторна лага
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека ги слушнал обвинувањата од СДСМ и го повика јавното обвинителство уште денес да влезе и да истражи и да утврди што се случило. Тој во одговор на новинарско прашање рече дека обвинувањата од СДСМ се ноторна лага.
-Откако ќе констатира јавното обвинителство на чело со јавниот обвинител кој е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ, го охрабрувам раководството на МВР оваа работа да ја изведе преку судски пат преку тужба за клевета и нарушување на угледот и честа. Обвинителството да влезе и да истражи и ако е точно ќе има одговорност, а ако не е и имам солидна информација дека не е веднаш да излезат и да тужат, изјави Мицкоски.