МАКЕДОНИЈА ГОРИ: Од пладнево беснеат нови пожари, зафатени 12 села – хеликоптери на МВР исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

116

Денеска двата хеликоптери од Одделот за воздухопловни единици на МВР дејствуваа на повеќе места каде што имаше пожари од поголем обем и беа загрозени неколку села, каде што гореа и куќи.

Хеликоптерот Бел 412 исфрли 10 тони вода врз пожарот во с.Малино, а потоа продолжи да дејствува врз пожарот кај с.Немањица. Хеликоптерот Ми 171 исфрли над 40 тони вода во 18 налети врз пожарот во с. Немањица.

Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информираше дека дванаесет села се зафатени во пожарите кои од попладнево беснеат во земјава. Во Светиниколскиот регион огнот влезе во три села и опожарени се стари куќи, но и куќи во кои живее месно население во селата Немањици и Малино, извести Ангелов.

-За жал имаме изгорени куќи, повеќе од куќите во село Немањици се стари и напуштени, но овде имаме зафетено и куќи во кои живее месното население. Зафатени села со пожарите се и на територија на Општина Куманово, три села и тоа село К’шање, Кокошино и Мургаш, каде што претежно има викендици. На територија на Општина Старо Нагоричане три села Малотино, Ригињци и Коњух, потоа во Општина Свети Николе Немањици, Орел и Малино. Во суштина овој пожар во село Немањици, каде што се наоѓаме сега започна од селото Орел, кој изби некаде на сред село и тргна наваму со голема брзина – вели Ангелов.

Посочи дека во Општина Пробиштип се зафатени две села: Горно Барбарево и Стрицовци, додека на територија на Општина Штип е зафатено село Стар Караорман. Тој додаде дека според досегашните информации дел од овие пожари се ставено под контрола.

Во селото Немањици, буквално гори од сите страни. Изгорени куќи има и во горниот и во долниот дел на селото, во последен момент е спасена и црквата. Мештаните забележуваат дека тројца нивни соселани со полиција биле извлечени од нивните куќи и бачила, кои сакале да ја спасат покуќнината, но и овците во бачилата. Пожарот брзо се ширел поради ветерот кој дува во Овчеполскиот регион. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев истакна дека во селото Орел се изгорени неколку куќи, а во село Немањици изгорени се една четвртина од куќите.

– Самиот ветар не ни дава мир и не знаеме што ќе се случи во текот на ноќта, има пожар во село Малино на Ѓуриште и мислам дека пола село е изгорено, старо село, со тоа што пожарот се провлекува веќе надолу и накај патарината на автопатот Свети Николе Миладиновци – вели Владев.

Пожарот од село Немањици се шири кон селото Ерџелија, на терен со огнените стихии на територија на Свети Николе се пожарникари од ТППЕ-Свети Николе, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, пожарникари доброволци, припадници на Армијата. Додека дописничката на МИА беше во селото Немањици, хелиокоптер со ведро ги гаснеше куќите, а вода полнеше од блиската брана Мавровица. Опожарени се земјоделски површини и лозја, како и нискостеблеста шума и трева. На повеќе локации во Овче Поле со механизација се прават и пресеци со цел пожарите да не зафатат куќи и земјоделски површини.