Ракометната селекција на Македонија, претрпе пораз во квалификациите за следното Европско првенство. По победата на свој терен против Естонија, вечерва нашата најдобра ракометна селекција во драматичен натпревар беше надиграна и поразена од Литванија со резултат 29:27.
Селекторот Кирил Лазаров направи една промена во составот во однос на претходниот натпревар. На местото на Мартин Томовски се најде талентираниот Иван Галевски, кој прикажува одлични партии во Алкалоид и заслужено доби шанса да дебитира во репрезентативниот дрес.
Најпрецизен во нашиот табор беше Филип Кузмановски со осум гола, а Пешевски и Серафимов запишаа по пет погодоци. На спротивната страна со по седум гола најефикасни беа Малашинскас и Антанавичиус.
За нашата најдобра селекција ова беше последен официјален натпревар пред настапот на Светското првенство, во кое во групната фаза ќе играме со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Во европските квалификации, пак, следниот натпревар е закажан за на 12 март 2025 година на домашен терен против Словенија.