Оваа година Евровизија во Тел Авив, Израел, е една од најскапите во историјата на фестивалот. Само влезницата за финалето чини 1.000 евра, соковите се околу 10 евра, а за еден сендвич ќе морате да издвоите 20 евра! Тел Авив е еден од најскапите градови во светот. Хотелите се исто така прескапи, а полиција и војска поради обезбедувањето ред и мир, има на секој чекор…

Претставничката на Република Северна Македонија, пејачката со моќен глас, Тамара Тодевска влезе во големото финале на овогодишната “Песна на Евровизија“ која се одржува во Израел… Токму ова е кусата агенциска вест која со молскавична брзина ја обиколи Земјината топка, веднаш по втората полуфиналната вечер на овој гламурозен музички настан. Тамара ја пренесе пораката до светот, јасно и гласно, едноставно, без помпа и гламур, но и без вообичаени народни носии и патетични солзи. На социјалните мрежи се случи голема навалица од коментари: „Одлична балканска балада“, „Македонија се враќа, горди сме на тебе Тамара“, „Северна Македонија претставува чиста емоција, неверојатна балада и еден од моите фаворити годинава. Тамара е извонреден вокал“, „Ми се допаѓа оваа македонска музика, ви прираснува при срце и добивате желба да го пеете рефренот“, „Северна Македонија ја има најдобра вокална изведба“, “Таа е неверојатна деновиве во Израел, само се смее и забавува“…

Во финалето, на 18 мај, ќе пеат пејачи од 26 земји, по десет од двете вечери, како и претставникот на земјата домаќин Израел, и претставниците на големата петорка: Шпанија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија – основачите на Евровизија. Последен македонски претставник што пеел во финалето на „Евросонг“ е Калиопи. Таа во 2012 година пееше во Баку, Азербејџан, со песната „Црно и бело“. Веднаш по објавувањето на резултатите Тамара испрати емотивна порака до нацијата поткрепена со нејзина слика и слика на нејзината ќеркичка.

Инаку, оваа година “Евровизија“ во Тел Авив, Израел, е една од најскапите во историјата. Само влезницата за финалето чини 1.000 евра, соковите се околу 10 евра, а за еден сендвич ќе морате да издвоите 20 евра! Тел Авив е еден од најскапите градови во светот, но иако организаторот очекуваше дека поради фестивалот ќе дојдат повеќе од 50 илјади туристи тоа токму поради скапотијата не се случи. Има туристи од целиот свет, но во помал број. Хотелите се исто така прескапи, а полиција и војска поради обезбедувањето има на секој чекор, најмногу поради заканите на исламско-палестинските националисти.

Поп-ѕвездата Мадона веќе пристигна во Тел Авив, за да настапи на финалето само со две песни. Со неа дојдоа многу танчари и музичари. На аеродромот ја пречекаа организаторите на Евровизија. Неофицијално се дознава дека Мадона за тие две песни ќе добие 1 милион евра, пари кои ги платил израелскиот бизнисмен Силван Адамс.

Но, еве по кој редослед ќе настапат земјите финалисти: 1. Малта 2. Албанија 3. Чешка 4. Германија 5. Русија 6. Данска 7. Сан Марино 8. Северна Македонија 9. Шведска 10. Словенија 11. Кипар 12. Холандија 13. Грција 14. Израел 15. Норвешка 16. Велика Британија 17. Исланд 18. Естонија 19. Белорусија 20. Азербејџан 21. Франција 22. Италија 23. Србија 24. Швајцарија 25. Австралија и 26. Шпанија. Организаторите навистина даваат сè од себе сè да изгледа беспрекорно, од комплетна организација до продукција, до сместувањето на новинарите кои ги има во огромен број. И покрај тоа се случи трагедија која ги потресе учесниците и гостите. Шеесет и шестгодишниот возач на камион, Фулди Шварц загина за време на подготовките. Тој бил тешко повреден кога врз него паднал дел од осветлувањето додека носел опрема. Итно бил пренесен во болница во Тел Авив, но набрзо неговата состојба се влошила и починал. Неговата сопруга и децата сметаат дека сигурносните мерки на „Евровизија“ не се добри. И покрај оваа мачна ситуација, фестивалот мора да оди понатаму…

Интересно е што многу познатиот музички магазин ,,Билборд” направил листа на песни кои би можеле да ја однесат годинашната победа на “Евровизија“, а помеѓу 12-те фаворити за прво место се наоѓа и песната на Тамара.

– Зошто Северна Македонија може да победи – прашува ,,Билборд”, и го дава појаснувањето – Ова е прослава на жената низ времињата во која ќе се пронајдат многу од нив кои ќе гласаат. Магазинот објаснува и тоа дека ова е прва година како поранешната ФИРОМ настапува под новото име Северна Македонија. А, ние што да додадеме? Еднаш барем да се обединиме без препукувањата, без лицемерието, без фрлања отровни партиски стрели, без омразата, заедно да запееме со Тамара и да победиме, зошто да не? Прашањето е само: А, каде евентуално би можеле да ја организираме наредната “Евровизија“ која не само што многу чини… е, драги наши, за тоа потоа!    Дуле М.