Македонец спаси давеник од Франција во морето на островот Крф

981

Вчера во Грција, наш државјанин спаси живот на французин кој се давеше во морето на една од плажите на островот Крф. 80 годишниот французин кој влезе во морето, во еден момент почна да се дави, но за среќа го забележа скопјанецот Милош, кој со семејството се наоѓаше на плажата.

– Со син ми и сопругата одмаравме на плажа. Имаше и други туристи, претежно Англичани. Во еден момент моето 9 годишно синче почна да вика дека некој дедо се дави во морето. Не размислував ниту момент. Скокнав во морето и допливав до човекот кој веќе беше полусвесен. Го фатив силно под пазувите и пливав со него до брегот. Беше омалаксан, тежок и не зборуваше ништо. Успеав да го довлечам до обала, го легнав на плажата, а тој не мрдаше воопшто, вели за весникот ВЕЧЕР, 33 годишниот Милош од Скопје кој со семејството е на одмор на островот Крф.

Милош во разговор за нашиот медиум вели дека дедото бил на плажа сам со сопругата која веднаш притрчала видно исплашена и немоќно гледала што се случува.

-Јас и мојата сопруга му укажавме прва помош, се освести, а во меѓувреме неговата сопруга се јави на некого на телефон, дојде едно возило и го однесоа. Жената не знаеше англиски и само ни викаше “ мерси, мерси…” вели Милош и додава дека навистина го зачуди односот на другите луѓе на плажата кои со прст не мрднаа, а човек пред очи ќе им се удавеше. Но, се е добро, кога добро ќе се заврши, вели скопјанецот Милош.

В.М.Б