Македонскиот ММА-борец, Александар Волкановски, кој се натпреварува под знамето на Австралија, влезе во вербална војна со познатата ирска ѕвезда Конор Мекгрегор.

Ирецот во изминатите неколку години е многу посилен на јазик отколку во октагонот. Контроверзниот борец не се сеќава кога победил на меч против сериозен борец, но затоа надвор од октагонот е шампион во пиење и во навредување на противниците.

Сега тој се сврти кон малиот Хасбула Магомедов. Напиша брутални навреди кон ова момче, го нарече смрдливо, дека би сакал да го шутне со нога преку гол и ред други работи.

По бруталните навреди од ирскиот борец, се огласи и Волкановски, шампионот во УФЦ перо категорија. Македонецот ужива поминувајќи време со Хасбула и му испрати јасна порака на Мекгрегор по тешките зборови.

  • Ќе треба прво да поминеш преку мене. Остави го мојот пријател на мир! – се налути Волкановски.

Австралискиот борец со македонско потекло досега запиша 25 победи и претрпи само еден пораз. Моментално важи за еден од најдобрите борци во светот и веќе три години никој не може да му го одземе појасот во перо категорија.

Триесет и четиригодишниот Волкановски наскоро, веројатно, би можел да се пресели во лесна категорија, каде што, исто така, сака да го земе шампионскиот појас.

Од друга страна, Конор Мекгрегор се подготвува да им се врати на борбите. Тој беше надвор од октагонот речиси една и пол година откако ја скрши ногата на реваншот против Дастин Поирие.

Ирецот најавува дека ќе ги освои сите со враќањето во октагонот, но долго време никој не ги сфаќа сериозно неговите изјави.