Николас Мадуро го доби третиот по ред мандат за претседател на Венецуела, на изборите во неделата. Тој вчера изјави дека неговиот реизбор е триумф на мирот и стабилноста.
Изборната комисија ги објави првите резултати само шест часа по затворањето на гласачките места, а Мадуро рече дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради сајбер напад, пренесе „Ел Паис“.
Мадуро објасни дека неговата победа претставува „почит кон суверениот живот на Венецуела и волјата на народот“.
Рускиот претседател, Владимир Путин, прв му честиташе за победата.
– Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност да продолжиме со конструктивната заедничка работа за актуелните прашања од билатералната иод меѓународната агенда. Не заборавајте дека секогаш сте добредојден гостин на руска почва – стои во неговата честитка.
Од друга страна, САД изразија загриженост за нерегуларност на изборите во Венецуела. Државниот секретар, Ентони Блинкен, рече дека постои сериозна загриженост дека објавените резултати не ја одразуваат волјата на граѓаните на Венецуела, пренесе „Ројтерс“. Реакцијата на САД следува откако шефот на Националниот изборен совет на Венецуела, Елвис Аморосо, соопшти дека по пребројувањето на 80 отсто од гласовите, претседателот Мадуро освоил 51,20 отсто, наспроти 44,02 отсто колку што добил неговиот ривал, Едмундо Гонзалес.