Заменик министерката за правда Викторија Мадиќ не гледа проблем за брза екстрадиција на првоосомничениот за убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо, која вчера изјави дека се надева дека нема да бидат потребни 40 дена за негова екстрадиција.
Претседателот Стево Пендаровски ја испрати пораката до кабинетот на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во врска со екстрадицијата на Палевски, кому во моментов му е одреден 40-дневен екстрадициски притвор во Турција.
Во врска со содржината на пораката, од кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали.
Шефот на државата во интервју за „360 степени“ во понеделникот рече дека размислува да испрати порака до Ердоган во врска со екстрадицијата на Палевски и посочи дека се работи за голем случај кој не смее да се остави да се одвива по бирократски коридори и да се дозволи процесот да трае предолго.
„Тоа е работа на министерот за правда кој тоа и го направи (испрати барање за екстрадиција, н.з.), меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај Боже да трае со месеци или со години“, изјави Пендаровски во интервју за „360 степени“.