Локалните власти задолжително да им дадат приоритет на мерките за чист воздух

11

Во рамките на проектот „Младинска акција за чист воздух“, Центарот за климатски промени (ЦКП) организираше 15 младински форуми во Куманово, Кавадарци, Скопје, Велес и во Гостивар, на кои учесниците заклучија дека е од исклучителна важност локалните власти да им дадат приоритет на мерките за чист воздух и да ги имплементираат барањата што ги испратија тие, а со кои директно ќе се влијае за намалување на аерозагадувањето.

За да се зголеми свесноста за намалување на употребата на автомобилите и за користење на велосипедите како превозно средство, младите од Куманово, Гостивар, Кавадарци, Велес и од Скопје побараа да се прошири инфраструктурата за велосипеди. Младите од Скопје побараа и нови сообраќајни решенија на некои места во градот и, според нив, од клучно значење е продолжување на велосипедската патека по кејот на Вардар, сè до населените места Јурумлери и Петровец и поврзување на населбите со правење повеќе излези.

Исто така, младите од Куманово побараа и да се прошири паркот по должина на реката Кумановка, како и да се постави урбана опрема, бидејќи, како што истакнаа, нема доволно зелена површина во градот каде што може да се рекреираат младите. Во Велес, младите имаа конкретни барања поврзани со проширувањето на урбаното зеленило во населбите каде што речиси и да нема зеленило, а побараа и конкретни решенија за Младинскиот парк во Велес, каде што со години не е обновено зеленилото.

– Сите овие општини се соочуваат со сериозен проблем, со големи количини пластичен отпад, кои завршуваат на градските депонии, на кои често избива пожар, а тоа предизвикува загадување на воздухот. Од таа причина, на форумите, младите побараа да се постават вендинг машини во маркетите и во училиштата во градовите. Тие сметаат дека е неопходно да се постават вендинг машини во маркетите и во училиштата и граѓаните да добијат поврат на средства за секое рециклирано шише, во висина од 0,5 до еден денар, а учениците да добиваат вредносни ваучери, кои ќе може да ги користат во продавниците за спортска опрема во градот – велат од ЦКП.

Воедно, било побарано и општините да обезбедат субвенции за уреди за загревање на домовите што се еколошки, со што ќе се намали употребата на дрвата за огрев.

– Во Куманово, како град во кој е достапна гасификациска мрежа, младите побараа и зголемување на субвенциите за домаќинствата за приклучок на мрежата. Општинските претставници нагласија дека внимателно ги разгледале сите барања и дека во континуитет работат на нивно спроведување. Тие нагласија дека се свесни за проблемите со кои се соочуваат градовите и оти ги знаат очекувањата на младите луѓе, кои сакаат да живеат во здрава и чиста животна средина – наведуваат од ЦКП.

Оттаму додаваат дека спроведувањето на мерките за намалување на аерозагадувањето е на различно ниво во секоја од овие општини, но со оглед дека барањата биле официјално испратени во мај и во јуни, одговорните ги разгледале и објасниле дека тие се реални, оти општините ќе ги земат предвид при подготовката на програмата за животна средина за следната година и дека ќе издвојат средства од буџетот за нив, со цел обезбедување доволно средства за реализација. Исто така, барањата поврзани со поставувањето вендинг машини се веќе реализирани во Кавадарци и се планира да се постават и нови вендинг машини. Воедно, се планира наскоро да се започне со проширување на велосипедската инфраструктура во Куманово, Велес и во Гостивар.

Форумите, на кои учествувале над 130 млади луѓе, резултирале и со неколку работилници во рамките на кои младите имале можност да научат за причините за аерозагадувањето, начините за негово намалување, но и за начинот како да се вклучат во креирањето и носењето одлуки.

– Навистина е значајно што беа форумите успешни и продуктивни, бидејќи само со заеднички ангажман ќе придонесеме кон менување на состојбите. Она што се издвојува е посветеноста на младите да направат промени, кои ќе донесат добро за сите, но и волјата на општинските претставници за спроведување, реализирање на барањата. Горди сме што овој проект ќе овозможи менување на тековните состојби – нагласи претседателката на ЦКП, Бојана Станојевска-Пецуровска.

Проектот „Младинска акција за чист воздух“ беше спроведен од Центарот за климатски промени, во партнерство со УНИЦЕФ, а финансиран од Владата на Шведска. Тој има цел да ги изгради капацитетите на младите за лобирање и за застапување, но и да ги поттикне младите да го кренат својот глас и да придонесат во борбата за чист воздух на локално ниво. Во текот на реализацијата на проектот, беа вклучени повеќе од 250 млади луѓе од овие пет града.