Локалната власт да ги реновира летниковците покрај Велешкото Езеро

36

Посетителите и рекреативците од Велес апелираат до локалната власт да ги реновира летниковците од другата страна на велешкото езеро Младост, оти се речиси целосно уништени.

Тие бараат и поставување нова урбана опрема, нови клупи и повеќе корпи за отпадоци. Од осум летниковци на првата локација на патеката, само еден е сочуван. Најчесто, скршени се нивните покриви, но има и целосно уништени и на другите локации покрај велешкото езеро Младост, кое е сè поатрактивно за гостите од земјава, но и за бројните странски посетители.

Граѓаните, кои се чести посетители на велешкото езеро Младост, апелираат до Општината и до ЈКП „Дервен“ да ја засилат чуварската служба за чување на урбаната опрема и на летниковците, а несовесните да се казнуваат. Тие посочуваат дека во деновите на викендите и на празниците, корпите за отпадоци треба почесто да се празнат и да се постават нови. Од друга страна, пак, Општина Велес и ЈКП „Дервен“ апелираат до посетителите да не ги уништуваат летниковците, клупите, корпите за отпадоци, како и опремата поставена во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“.

Инаку, Општина Велес, пред десетина години, постави 60 летниковци на повеќе локации над Велешкото Езеро. Тие се честа цел на некои вандалски посетители.