Лозовите насади во Тиквешијата масовно се продаваат на бизнисмени за фотоволтаици

Лозарите разочарани од ниските цени на грозјето, немањето на млада работна сила, неисплатените субвенции, последниве години сè почесто се решаваат на ваков чекор. Пред извесно време истото се случуваше во Овче Поле каде што најквалитетното земјоделско земјиште од прва до петта категорија се користеше за поставување на фотоволтаици. Преку ноќ се купуваше земјоделското земјиште, се вршеше пренамена во градежно и се поставуваа фотоволтаици. И покрај тоа што од власта ветија дека плодното земјиште од прва и втора категорија ќе се користи само за производство на храна и оти на него нема да се дозволи да се поставуваат фотоволтаици, сепак на терен ситуацијата е поинаква

1208

Во Тиквешијата лозовите насади масовно се продаваат на бизнисмени за поставување на фотоволтаици. Лозарите разочарани од ниските цени на грозјето, немањето на млада работна сила, неисплатените субвенции последниве години сè почесто се решаваат на ваков чекор. Пред извесно време истото се случуваше во Овче Поле каде што најквалитетното земјоделско земјиште од прва до петта категорија се користеше за поставување на фотоволтаици. Преку ноќ се купуваше земјоделското земјиште, се вршеше пренамена во градежно и се поставуваа фотоволтаици. И покрај тоа што од власта ветија дека плодното земјиште од прва и втора категорија ќе се користи само за производство на храна и оти на него нема да се дозволи да се поставуваат фотоволтаици, сепак на терен ситуацијата е поинаква.

Земјоделците велат дека ако продолжи ваквата практика ќе останеме не само без грозје, туку и без храна. Тие велат дека не се против изградба на фотоволтаици, но не на плодните ниви. Стравуваат дека сите земјоделски површини во државата ќе се претвораат во градежни парцели.

-Лозовите насади масовно се продаваат на бизнисмени за поставување на фотоволтаици. Во Тиквешијата веќе се продадени над 200 хектари лозови насади на кои се поставени фотоволтаици. Има и повеќе мали површини кои се продаваат од индивидуални земјоделци. И покрај тоа што обработливите површини од прва до четврта класа не смеат да се откупуваат, но во пракса тоа не се почитува. Толку го деградираа земјоделството така што веќе никој не сака да ги работи нивите и ги продаваат по цена од 1.000 до 2.000 евра од декар, вели за весникот ВЕЧЕР, Дане Јошев, претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари“.

Тој додава дека наместо храна на земјоделското земјиште ќе се произведува струја. Освен во Овче Поле сега бизнисот со струја се шири и во Тиквешијата.

-Поради поголема заработка ќе го остават народот без храна. И земјоделците немаат есап да го работат лозјето поради ниските откупни цени кои го уништија лозарството. Како тргнало сите ќе ги продадат лозјата за големи пари и ќе останеме и без грозје, додава Јошев.

Државата забрани поставување на фотоволтаици на земјоделско земјиште од прва до петта класа, но само на земјиште кое е во државна сопственост и кое тие со години го користат за производство на храна. Но, за останатото земјиште, кое е во индивидуална сопственост или во сопственост на фирми, нема такво ограничување, односно ова земјиште може да се продава и на него да се поставуваат фотоволтаици.

– Преку децентрализацијата се дозволи плодно земјиште да стане градежно и на него да се гради или да се формираат индустриски зони на кои нема ниту еден производствен капацитет. Земјоделецот наместо да произведува на плодна почва, сега оди со километри да обработува неплодно земјиште. Од друга страна, се очекува земјоделците да произведуваат повеќе храна која сè повеќе станува дефицитарна како во светот така и кај нас, вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.

Изминатиов период голем број земјоделци алармираа дека сè почесто се купува квалитетно земјоделско земјиште, кое се наменува за поставување фотонапонски централи и за производство на електрична енергија.

– Во иднина ќе се соочиме со многу тешка ситуација, бидејќи и другото плодно земјиште ќе се даде на приватни сопственици за изградба на фотоволтаици. На тој начин, освен од електрична енергија, ќе станеме и земја зависна од увоз на храна. Ние не сме против изградба на фотоволтаични централи, но треба да се најде вистинската локација, а не да се градат на земјоделско земјиште предвидено за производство на храна. Во ниту една европска земја не се поставуваат фотоволтаични панели на плодно земјоделско земјиште – реагираат земјоделците.

Според нив, треба да се направи баланс помеѓу производството на храна и „трката“ за брз и евтин профит.

(А.С.)