Лозарите ги продаваат лозјата, сточарите стадата, земјоделците нивите и си заминуваат од државата. Лозарите велат дека сакаат да ги продадат лозјата, затоа што од грозјето тешко се опстанува, одржувањето на лозовите насади бара работа, ѓубрива, пестициди, откупната цена е ниска, исплатата на грозјето доцни и на лозарите не им се исплати веќе да го работат. Сточарите, исто така, масовно ги продаваат стадата и се селат во Европа и во Америка за поголема заработувачка. Ниската откупна цена на јагнето и високите трошоци за храна се причина за намалување на сточниот фонд во државата и за откажување од сточарството. Слична е состојбата и во градинарството и во другите земјоделски гранки

 

 

Лозарите ги продаваат лозјата, сточарите стоката, а земјоделците се откажуваат од производство и ги продаваат нивите. Од извозник на храна сега увезуваме над 70 отсто од овошјето и зеленчукот, а нивите остануваат празни. Ниската откупна цена, високите трошоци и погубната политика на државата беа пресудни за земјоделците и сточарите да ги продаваат нивите и стоката и да заминат на работа во европските земји за поголема заработувачка.

Многу лозари на интернет ги продаваат своите лозја кои се наоѓаат во околината на Кавадарци, Неготино, Росоман, Битола, Тетово, Скопје, Дојран, Велес, Штип, Свети Николе и други делови на државата. Лозарите велат дека сакаат да ги продадат лозјата, затоа што од грозјето тешко се опстанува, одржувањето на лозовите насади бара работа, ѓубрива, пестициди, откупната цена е ниска, исплатата на грозјето доцни и на лозарите не им се исплати веќе да го работат.

Дека во Кавадаречко има масовно откажување од лозарството потврдува и Дане Јошев, претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари”, кој вели дека 30 отсто од лозовите насади не се кројат и стојат така оставени, а дел се продаваат преку интернет и преку огласни табли кои се наоѓаат покрај лозјата.

-Младите се селат во европските земји за поголеми плати, бидејќи немаат есап да го работат лозјето. Старите од 60 до 75 години на кој пензиите им се мали, им треба дополнителен приход и кои немаат кај да одат го обработуваат лозјето. Има огласи на интернет, но и покрај лозјата има табли на кој стои колку хектари е лозјето и за колку се продава, ама интерес нема. Ги купуваат само оние кои сакаат нивите да ги искористат за други намени, како поставување на сончеви колектори доколку лозјето е во градежна зона, вели за весникот ВЕЧЕР, Јошев.

Производствената цена на лозјето е 17 до 18 денари за килограм винско грозје, а минималната откупна цена е 13,80 што е многу пониска од производствената. Од друга страна трошоците се драстично зголемени вреќа ѓубре од 600 се качи на 1.200, надоместот за наводнување се зголеми на 1.860 денари за еден декар, работната рака од 1.200 на 1.500 денари дневно, нафтата, репроматеријалите…и сето тоа допринесе за откажување од лозарството и масовна продажба на лозовите насади.

Лозарите се разочарани од односот на државата кон оваа гранка. Најавите од Владата за зголемување на откупната цена за 30 отсто не се остварија. Лани Вранецот се откупуваше по 12 и 13 денари, а смедеревката по 10,5 и 11,5 денари за килограм.

Лозјата се продаваат по цена од 4.000 до 10.000 евра во зависност од површината.

Освен лозарите и сточарите масовно ги продаваат стадата и се селат во Европа и во Америка за поголема заработувачка. Ниската откупна цена на јагнето и високите трошоци за храна се причина за намалување на сточниот фонд во државата и за откажување од сточарството.

-Точно е тоа дека сточарството е во дигресија години наназад. Оваа година откупот се одвива потешко во однос на претходните години поради економската криза, намалена потрошувачка и животен стандард на пазарите каде што се извезува. Откупната цена годинава се движеше околу 190 денари за килограм жива мера и беше незадоволителна во однос на трошоците за сточна храна кои се зголемени. Поради тоа последните 10 години во сточарството има тренд на намалување. Бројот на овци се намали од 800 на 400 илјади, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Ѓеоргиев, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.

Тој додава дека оваа година има помалку овци од лани, а сè повеќе сточари се откажуваат од сточарството и ја напуштаат државата. Освен што нема исплатливост се работи за специфична работа која не може секој да ја работи, објаснува Ѓеоргиев.

Намалувањето на сточниот фонд предизвика и недостиг на месо и млечни производи кои мораме да ги увезуваме.

И сточарите од Дебар оваа година на продажба ги дадоа сите 20 илјади јагниња и ниту еден од сточарите не покажа волја да зачува јагниња за зголемување на стадата, кои од година во година сè се помалубројни.

Скендер Аме, претседател на здружението на одгледувачи на овци „Даши“, вели дека ако до пред три години вкупно во Дебарско имало над 40 илјади грла овци, моментно нивниот број е за 10 илјади помал.

-Причините пред сè лежат во фактот што младите заминаа во западно европските земји и САД. Во последните три години десет сточари, кои имаа големи стада, истите ги продадоа, а тој тренд продолжува. Влијание има и тоа што за јагниња нема субвенции. Покрај другото се соочуваме и со проблемот со недостиг на овчари. Порано ги обезбедуваме од соседна Албанија, но и тамошните млади замина на Запад, додава Аме.

Не постои интерес ниту за обработка на земјоделското земјиште. Ниските откупни цени, високите трошоци за производство и иселувањето на младите си го направија своето.

-Високите трошоци за производство и ниските откупни цени со кои се соочуваат земјоделците последните години го намалија производството. Поради тоа, дел од земјоделски култури едноставно исчезнаа од нивите. Жалосно е ова што се случува, порано го обезбедувавме со храна цел Балкан, а сега увезуваме од Албанија, Србија, Грција…, велат земјоделците.

За да се промени ваквата состојба во земјоделството експертите бараат нови политики, односно државата повеќе да му помага на земјоделството. Треба од корен да се смени односот кон земјоделието за да со мерките ги натераме луѓето да инвестираат во земјоделието и да се вратат на нивите.

(А.С.)