Логопедот Ивана Дуева-Јанкуловска за ВЕЧЕР: Поради користењето мобилни телефони и други дигитални средства, секое трето дете има проблеми со говорот

320

Постојат различни видови нарушување на говорот и јазикот кај децата. Потребно е родителот навреме да ги препознае овие нарушувања и да контактира логопед, наместо да чека детето да тргне на училиште. До тригодишна возраст, детето обично ги изговара сите самогласки и околу десетина согласки. Гласовите се развиваат постепено и во петтата година се изговараат правилно без искривувања (оштетувања), вели за весникот ВЕЧЕР, Ивана Дуева-Јанкуловска, логопед-дефектолог во општата болница во Гевгелија.

Таа потенцира дека бавниот развој на говорот е проблем што најчесто се јавува до три-четири години. Детето го разбира говорот на околината, но реченицата не му е граматички точна.

Најинтензивниот развој на говорот и јазикот ги опфаќа првите три години од животот и се одвива во предвидени фази. Детето поминува низ фази – од првиот плач до доброволното учество во разговор, во кој ги искажува своите мисли, чувства, ставови и потреби. Превербалната фаза започнува со раѓањето и трае до деветтиот месец од животот на детето. Следува фазата на говор, која е обележана со појавата на првиот збор со значење од 9. до 15. месец, потоа фазата на појавување на првите реченици од 18. до 24. месец и периодот на нагло збогатување на вокабуларот и усвојување граматички правила од 24. до 36. месец.

-Кај децата со нарушување во развојот на јазикот, обично има податоци за доцното говорење. А, кога почнува да се развива говорот, може да се забележи доцнење во стекнувањето на јазичната структура и вербалното однесување, кое не е карактеристично за децата со типичен јазичен развој. Тие не може директно да се објаснат со абнормалности на невролошките или на говорните механизми, сензорни оштетувања, оштетувања на интелектуалниот развој, ниту трауми врз животната средина. Тие често се поврзуваат со тешкотии во читањето и во меѓучовечките односи, емоционални проблеми и проблеми во однесувањето, потенцира Дуева-Јанкуловска.

Нарушувањето на говорот и јазикот е најчестото развојно нарушување во раното детство, кое зафаќа од  4 до 10% од децата.

Од пелени се со мобилниот в рака, пред таблетите и ТВ-екраните – секое второ дете има тешкотии во развојот на говорот. Од моето искуство во Општата болница Гевгелија, со проширена дејност со спроведување на систематските прегледи на децата од школска возраст од Општина Гевгелија и од Општина Дојран, дојдов до заклучокот дека секое трето дете има проблем со говорот. Главен причинител за забавениот говорен развој е користењето  мобилни телефони и други електронски апарати уште од најмала возраст. Затоа останува живиот говор или говорот на родителот со детето да биде најважниот фактор за правилен развој, вели Дуева-Јанкуловска.

Кога е време за логопед?

Едни од најчестите прашања кога станува збор за говорот и јазикот се: „Кога е време за логопед? Дали е детето уште мало? Дали треба да чекаме говорот сам да се развие, затоа што и таткото и дедото доцна почнале да зборуваат? Дали ќе почне да зборува детето кога ќе тргне во градинка? Или е само мрзливо? Само ние дома го разбираме и никој друг?“

-Имаме впечаток дека денес е воспоставено мислењето дека додека не наполни три години, детето не треба да оди на логопед затоа што е уште мало! Ако ги погледнеме нормите за таа возраст, ќе видиме дека дотогаш детето веќе има основа на мајчиниот јазик – реагира и извршува команди, следи упатства, самостојно формира реченици, ги соопштува своите желби, користи именки, глаголи, придавки, предлози, активен речник од неколку стотици зборови, рецитира песни, правилно изговара 18 звуци, итн… И многу брзо сознаваме дека доцна сме го контактирале и дека доцна сме почнале со стимулацијата, како и дека таквото мислење нема апсолутно никаква научна основа.Нашиот одговор на прашањето кога е време за логопед е дека никогаш не може да биде прерано, без разлика на возраста на детето. Доколку сè е во ред и во согласност со старосните норми, нема потреба од никакви третмани, но доколку има отстапувања, треба да се укаже на важноста на раната стимулација и да се предложат понатамошни чекори во работата со детето. Тогаш не смееме да го оставиме детето без стимулација и да ги чекаме контролите за неколку месеци, бидејќи голема е веројатноста дека отстапувањето ќе биде сè поголемо и поголемо како што ќе одминува времето, вели Дуева-Јанкуловска.