Лога: Судскиот совет да ја изземе Лорета Ѓоргиева од Комисијата на известители

407

Министерот за правда Кренар Лога со писмен допис бара од Судскиот совет да ја изземе Лорета Георгиева од Комисијата на известители, поради конфликт на интереси и фактот што јавно застанала во одбрана на судијата Лазар Нанев, кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ.

Реакцијата на Лога следува откако Судскиот совет, преку соопштение, информираше дека како петта точка на дневен ред на седницата одржана на 23 ноември биле формирани комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд.

Во допис до Советот, Лога наведува дека и покрај претходните укажувања за навремено доставување на материјалите, не е направено тоа ниту пред ниту по одржувањето на  седницата.

– Недозволиво е министер за правда да се информира за точките од дневниот ред од медиумите, преку кои бевме информирани за изборот на Лорета Ѓоргиева за член на Комисијата. Поради конфликтот на интереси и фактот што Ѓоргиева јавно застана во одбрана на судијата Лазар Нанев, кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ, министерот за правда бара Судскиот совет да ја изземе Ѓоргиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател. Доколку Ѓоргиева не се изземе од Комисијата, Судскиот совет прави лош преседан со кој ќе се намали и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем – се вели во соопштението од Министерството за правда.

Во ноември, министерот Лога го разреши судијата Лазар Нанев од претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, поради нарушен интегритет. По разрешувањето на судијата Нанев од Советот на ИКТ, од членство во Советот се повлекоа и Лорета Горгиева и Миљазим Мустафа. Тогаш, тие го информираа министерот Лога дека се повлекуваат од членство во Советот за координирање информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, зашто сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно.

Инаку, извештајот од Европската комисија за напредокот на државава на нејзиниот европски пат нотираше најголеми забелешки во правосудниот систем, поради надворешни политички влијанија и контроверзни разрешувања во Судскиот совет. Ресорниот министер Кренар Лога, во меѓувреме, формираше работна  група, која треба да се фати во костец со слабостите што ја нарушија довербата во македонското правосудство. Со работната група на министерот Лога, која треба го реформира Судскиот совет, претседава академик Владо Камбовски.