Лога: Мицкоски сака да ја дисциплинира судската власт

33

Обидот на новиот мандатар за формирање на влада, Христијан Мицкоски, да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, е обид да се дисциплинира судската власт, обвини денеска техничкиот министер за правда Кренар Лога, на брифинг со новинарите. Лога на пред-конференција покажа документи според кои не може да бидат прекинати мандатите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Тој нагласи дека со распуштањето на двата уставни органи и прекинот на нивните мандати се загрозува судската независност.

– Денеска имав можност да споделам со новинарите две битни пресуди од домашна институција, како и од Европскиот суд за човекови права. И во првиот и во вториот предмет се докажува дека не може да се направи прекин на мандат на институција која е загарантирана со право од Уставот. Ја имаме пресудата од Европскиот суд за човекови права за предметот Гржеда против Полска, каде децидно се кажува од страна на судот дека има повреда и дека била загрозена судската независност. Со тоа судството било изложено од мешање на извршната власт. Втората пресуда е од Управниот суд на Република Северна Македонија, поврзана со Државната комисија за одлучување на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка на работен однос од втор степен. Имаме две пресуди кои ни кажуваат дека не треба да има прекин на мандат или распуштање на овие уставни органи, порача Лога.

По завршување на брифингот со новинарите, Лога одржа прес-конференција на која му посака успех на идниот министер за правда и му порача дека е отворен да ги сподели неговите досегашни искуства, бидејќи како што рече, не е грешка да се признае вина или прими совет од политички противник. Лога истакна дека му понудил соработка и на Мицкоски, но тој го одбил.

– Добро е да ги наследи сите добри и лоши искуства од наша страна. И на мандатарот и на другите министри им посакувам успех. Не е грешка ако признаете вина, не е грешка ако примите совет од вашите политички противници. Јас советувам дека треба да биде помирен за тоа како треба да ги прифати сите решенија. Уште кога се отвори прашањето за Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ доби покана и можност да има претседател на таа работна група и до последен момент кога беше отворено прашањето за планот за раст од Европска унија беа поканети, но за жал не беа присутни, рече Лога.

Министерот кој уште неколку дена е на оваа функција изминатите днеови се спротистави на најавените реформи во судството од страна на идниот премиер Мицкоски и следуваа низа препукувања.

Мицкоски не се откажува од распуштањето на Судскиот совети и Советот на јавни обвинители, но рече дека ќе ги земат предвид мислењата на експертите. Тој е дециден дека реформа во правосудството ќе има бидејќи тоа е волјата на повеќе од половина милион граѓани. Мицкоски му порача на Лога дека во неговиот мандат тој имал можност да направи реформи и да ја зголеми довербата во правосудството, но за жал ја пропуштил. Според Мицкоски, Лога одлучил кадрите во Обвинителството и судството да ги најде во Зајас, а токму тоа и довело довербата во правосудниот систем да биде само 2 проценти.