Лихт: Војната во Украина има трајни последици и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

30

Војната во Украина има трајни последици за многу процеси, вклучувајќи ја и интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, изјави претседателката на фондацијата БФПЕ за одговорно општество Соња Лихт, на отворање на дводневната конференција „(Погрешни) перцепции за Европската Унија на Западен Балкан“ во Белград.

Таа додаде дека „очигледно шаховските фигури не се на истото место, како пред месец и пол дена“, јави Бета.

Како што појасни Лихт, процентот на поддршка за членство во ЕУ oпаѓа во сите земји во регионот, делумно и поради постојаното поместување на временската граница за прием.

Таа укажа на неопходноста од економска интеграција на Западен Балкан и регионална соработка. Лихт изрази загриженост дека регионот, во спротивно, доколку продолжи со разлики и расправии, ќе остане периферија на ЕУ.

– Гледаме разлики меѓу земјите во регионот. Во Србија околу 50 отсто од граѓаните се за ЕУ, не е најјасно во кој правец луѓето сакаат да одат. Во другите земји од регионот, значително е поголема поддршката за членството во ЕУ, изјави денеска претставникот на делегацијата на ЕУ во Србија, Никола Бертолини.

Кога Србија ќе биде во ЕУ, додаде тој, „се надевам дека тоа ќе биде за пет години, но, немојте да ме држите за збор, ќе добива десет пати повеќе средства (од Унијата), отколку што добива денеска“.