Традиционалната награда “Живко Чинго“ за 2019 ја доби расказот „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ на авторот под шифра „Единаесет“. Наградата е во рамки на конкурсот за најдобар расказ што традиционално ја распишува Општина Охрид во знак на почит кон делото на познатиот писател од охридскиот крај.

Славе Ѓорго Димоски, член на жири-комисијата што ги вреднуваше творбите од конкурсот, појасни дека расказот бил избран за најдобар во конкуренција на 41 пристигнат труд кои ги исполнувале критериумите на конкурсот.

“Расказот ‘Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои’ се издвојува од другите по својата инвентивност, по успешното и издржано водење на нарацијата со која ја поттикнува фантазијата на читателот, со откривањето нови теми со кои се актуализираат дилемите на современиот начин на живеење”, изјави Ѓорго Димоски.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на културната манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“, што секоја година традиционално се одржува на роденденот на нашиот познат прозаист и драмски писател – 13 август, во охридското село Велгошти, родното место на Чинго.