РК Алкалоид ја почнува својата втора европска сезона. По ланскиот настап во ЕХФ Европската лига во која ја запиша својата историска прва победа, а и првиот освоен бод на гости, сезонава „фармацевтитие“ ќе се натпреварува во ЕХФ Европскиот Куп.

РК Алкалоид има амбиции да стигне колку што може подалеку во овие нокаут двобои, а почнува со дуел со литванскиот вицепрвак Клаипеда Драгунас. Тоа е клуб што годинава има шампионски амбиции, за таа цел ангажираше и тренер од Шпанија, а во ЕХФ Европски Куп исто така има амбиции да стигне што подалеку.

Се наоѓаме пред еден нов предизвик во Европскиот куп. Конкретно, имаме еден ривал кој што можеби е неатрактивен за нас, но е доста опасен. Се работи за незгодна школа, тим кој оваа година е воден од шпански тренер и полека од материјалите се гледа напредокот на Клаипеда. Ако направиме споредба, мислам дека, да не претерам, тие се подобри за 35% и затоа сум доста внимателен во најавите, заедно со мојот тим и со моите играчи, затоа што системот на играње е дома-гости, не е групна фаза и треба да се биде доста претпазливи. Од она што го имаме како информација, се работи за тим кој дава многу голови, над 40 гола во поголемиот дел од натпреварите. Ривалот игра во силен ритам, без разлика на противникот. Ние сме цврсто на земја заедно со играчите, добро се подготвуваме и можам да ветам дека нема да го потцениме противникот. Очекувам квалитетен меч, убав ракомет за око. Испраќам покана до навивачите, да дојдат во салата Автокоманда и да бидат поддршка на овој млад и македонски тим,кажа тренерот на тимот Кирил Лазаров.

Инаку, Европскиот Куп на ЕХФ како натпреварување се игра по поинаков систем од Европската лига. Во овој Куп, беа вкупно 74 екипи од кои 64 се пласираа во второто коло и тие ќе играат елиминациски двобои се додека не се добие новиот шампион. Актуелен победник е екипата на Валур која во ланското финале беше подобра од грчкиот Олимпијакос. Исланѓаните нема да го бранат пехарот, тие сезонава играат во ЕХФ Европската лига, а Олимпијакос и сезонава е во ова натпреварување.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Драгунас Клаипеда се игра утре со почеток од 19:00 часот.

Фото: РК Алаклоид