Литванија бара ЕУ да воведе повеќе санкции кон Русија

42
Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда, денеска ја повика Европската унија да воведе уште поопсежни санкции кон Русија од оние што се вклучени во десеттиот пакет санкции на ЕУ против земјата поради нејзината инвазија на Украина, јави ДПА.„Ќе продолжиме да вршиме притисок. Доаѓаат пакетите 11 и 12. Нема да отстапиме“, рече Наузеда во литванското балтичко одморалиште Паланга.

Тој рече дека особено се залага за казнени мерки против руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“ и целиот сектор.

Литванскиот претседател изрази задоволство што десеттиот пакет санкции беше одобрен на првата годишнина од инвазијата, во петокот. „Не сум многу задоволен од последниот пакет санкции“, додаде тој, притоа изразувајќи жалење што руската нуклеарна индустрија не е засегната.

Претседателот на Литванија додаде дека сите пакети санкции досега се резултат на компромис, во спротивно немало да бидат прифатени.

Новите казнени мерки против Русија, кои стапија на сила викендов, влијаат на трговијата, пропагандата и финансискиот сектор. Како и во претходните пакети, беа санкционирани и лица и организации обвинети за поткопување и загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.