Лина нема да биде многу фина за Луис Хамилтон

118

Постои изрека која вели: „Колку повеќе се менуваат работите, толку тие остануваат исти“. Можеби тоа е вистинскиот опис за Формула 1, бидејќи иако болидите евидентно се побрзи во однос на претходните сезони, возбудувања и неизвесност речиси и ќе ги нема.

Одличен пример за тоа е минатогодишниот шампионат, каде љубителите на овој спорт се надеваа на борба до самиот крај, а добија се само не тоа. Мерцедес ја продолжи својата доминација од воведувањето на хибридната турбо ера во шампионатот, освојувајќи пет титули во низа, како во конкуренција на возачи, така и кај конструкторите. За разлика од нив, најтрофејниот тим, екипата на Ферари, продолжи да си се копа себеси, само што овој пат главниот проблем беше кај возачите, а не кај болидите, кои во текот на поголемиот дел од сезоната беа на врвот во најбрзиот циркус на денешницата.

Овој пат, за вистинскиот однос на силите ќе дознаеме уште по првата трка сезонава, за Големата награда на Австралија (недела 6:10 часот), бидејќи и двата тима успешно ја сокрија својата вистинска брзина при зимските тестирања.

  • Минатата година Ферари имаше одличен болид, но годинава се беспрекорни. Немам ништо против тоа, сакам борба, а тоа значи дека мора да тргнеме силно. Како возач, морам да го извадам максимумот од болидот, истакна Хамилтон.

Минатата година бевме сведоци на борба за најдобар возач на генерацијата, а таа чест му припадна на Британецот Лиус Хамилтон, кој стана петкратен светски шампион и со тоа се израмни со Хуан Мануел Фанџо. Повеќе титули од нив двајца има само Михаел Шумахер (седум). Британецот исто така дојде до 73 победи во Ф1, што значи дека му недостасуваат уште 18 од уште еден рекорд на легендарниот Шуми.

Инаку, навивачите на тимот од Маринело, популарните „Тифози“, со нетрпение чекаа на последната непознаница поврзана со нивните момци, а тоа името на болидот кое ќе го даде првата виолина на тимот, Себастијан Фетел. Германецот редовно на својата „летечка машина“ и дава женсо име, па така оваа сезона таа ќе се вика Лина. Тој се надева дека таа ќе биде еластична на патеката и воедно ќе му донесе доволно бодови за титула.

  • Има убаво име, истакна четирикратниот шампион во најбрзиот циркус на денешницата.

Исто така и промените од една до друга сезона се неминовни, па така и оваа година ќе има неколку новитети во најбрзиот циркус на денешницата. Една од нив е промената на аеродинамиката, која влијаеше на изгледот на предните и задните крила. Поради тоа е променет протокот на воздух, па така намалена е аеродинамичката турбленција. Тоа значи дека ДРС ќе биде уште поефикасен кога во прашање е разликата на возачите под една секунда. Исто така се зголемени и килограмите на гориво, поради што сезонава секој болид ќе има пет килограми повеќе за трошење, односно 110.

Кога сме кај пилотите, најбрзо извозениот круг на трка ќе добие дополнителен бод, само доколку заврши во Топ 10. Оваа промена ја враќа Формула 1 на самиот почеток, бидејќи бод за најбрз круг бил доделуван во првите десет трки од шампионатот.

Иако возачите кои минатата сезона се бореа за титулата останаа таму каде што се, бевме сведоци на интересен трансфер период кој малкумина го предвидуваа. Формула 1 остана на тројца шампиони, од кои од двајца се очекува сериозно да „загризаат“ за титулата – Себастијан Фетел (Ферари) и Луис Хамилтон (Мерцедес). Збогум на најбрзиот циркус на денешницата му кажа Фернандо Алонсо, кој сезонава ќе биде дел од трките на издржливост – „Индијанаполис 500“. Но, во шампионатот свој кам – бек направи Робер Кубица, кој ќе вози за тимот на Вилијамс. Можеби најинтересен трансфер е заминувањето на Даниел Рикардо од Ред Бул во Рено. Но, и во тимот на Маринело се одлучија на големи кадровски промени. Покрај оние кај механичарите, Раиконен е заменет со талентираниот Шарл Леклер, па останува да се види колку младиот возач може да придонесе за овој тим, ако се има во предвид дека беше исклучително брз во текот на тестирањата.

Кога сме кај фаворитите, главната одлука се очекува да ја имаат Хамилтон и Фетел, слично сценарио кое го гледавме изминатите неколку сезони. Ако се водиме според тестирањата едно е јасно, а тоа е дека Британецот ќе мора многу да го „испоти задникот“ за да дојде до титулата.