„Ми претставува особена чест и задоволство што токму мојот роман ја понесе титулата Роман на годината во една ваква јубилејна година. Самата сум деветтата авторка добитничка, што укажува на тоа дека таа сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија…“, кажа меѓу другото Димковска, по повод свеченото врачување на ова признание, кое ѝ е доделено за нејзиното дело „Единствен матичен број“ во издание на „Три“. Настан со кој се одбележа 25 години постоење на оваа престижна награда се одржа завчеравечер во Драмски театар во Скопје

„Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела“, кажа завчеравечер реномираната македонска писателка Лидија Димковска, по повод свеченото врачување на наградата „Роман на годината“, признание кое ѝ е доделено за нејзиното дело „Единствен матичен број“ во издание на „Три“. Во свечениот јубилеен амбиент, во Драмскиот театар во Скопје, и во присуство на голем број писатели, читатели и љубители на пишаниот збор, ова доделување на наградата се случи по 25 пат. Инаку, наградата ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Ми претставува особена чест и задоволство што токму мојот роман ја понесе титулата Роман на годината, во една ваква јубилејна година. Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата, што укажува на тоа дека наградата ‘Роман на годината’ сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија…“, кажа меѓу другото Димковска.

Таа исто така посочи дека ова признание ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што е и таа самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик, бидејќи според неа токму квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела.

Димковска се осврна и на досегашните добитници на оваа престижна награда.

„Мило ми е што во низата добитници на ‘Роман на годината’ сум веднаш по Влада Урошевиќ, еден од моите најчитани поети и прозаисти, професор кој знаеше и од годините на раѓање на авторите да направи магија и возбуда, а не пак да брилира во своите поетски и прозни дела, како и во романот кој минатата година ја понесе титулата Роман на годината: ‘Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени’. Неговата минатогодишна беседа, посветена на Славко Јаневски, ме наведе да се запрашам кому јас би му ја посветила мојата. Одговорот, веднаш и од прва, би бил – на Оливера Николова, единствената двојна добитничка на оваа награда за ‘Куклите на Росица’ во 2004 година и за ‘Песот со тажен поглед’ во 2019 година, од каде и го презедов мотото во мојот роман: ‘Зарем тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме?’. Преку своето извонредно книжевно писмо што го чувствувам за блиско, речиси свое, за сите времиња си обезбеди ‘сопствена соба’ во македонската книжевности и во неа влегувам како во сопствен дом. Оливера Николова мене, и како на читателка и како на писателка, секој пат одново ми потврдува дека книжевноста ја има моќта да го претвора животот во литература…”, посочи меѓу другото Димковска, и додаде “…Мојот книжевен јазик е македонскиот, го зборувам најмногу и во сиот негов раскошен вокабулар тогаш кога пишувам на него…“

Одлуката за наградата, која се состои од плакета, статуетка изработена од академскиот скулптор Сашо Саздовски и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.

Инаку, Димковска е добитник на многубројни награди за нејзината проза, меѓу кои двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Таа е и  една од најпреведуваните македонски авторки.

Исто така, таа има објавено и седум поетски збирки, еден дневник, една збирка раскази и уредила четири антологии.

Настанот во Драмски беше проследен со настапот на џез-бендот на Гоце Стевковски, а присутните имаа можност да ја проследат и изложбата „25 години Роман на годината“ на која беа претставени сите романи на досегашни носители на ова признание.