Лидерска на Прочка. Прости ми да ти простам !

132

Потврдивме дека прифаќаме средба меѓу претседателот на СДСМ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и таа средба ќе се случи, веднаш штом ќе ги потврдиме роковите и верувам дека може до крајот на оваа седмица да се случи, но првата тема ќе бидат претстојните избори, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

– Моја задача е како претседател на Влада, кој пред 21 месец бил опозиција, да разговарам со лидерот на опозицијата, кои се сите тие гаранции што треба ние да ги обезбедиме за фер и регуларни демократски избори, кои се одредени резерви што тие ги имаат, да ги отстраниме затоа што Северна Македонија мора да има кристално чист изборен процес и тоа е обврска на сите. Ќе разговараме и за реформските закони, но ниту јас ниту Мицкоски сме најстручни, треба стручни луѓе од Парламентот и од Министерство за правда да седнат на маса, рече Заев.

Во однос на тоа дали средбата ќе се одржи на православниот празник Прочка во недела, и дали ќе си простат со лидерот на опозицијата, Заев рече дека е транспарентен во духот на помирувањето.

– Во духот на простувањето и помирувањето сум многу транспарентен, на луѓето што држеа пиштол и што викаа немам чиста мета, им простив, затоа што животот треба да тече напред. Ние со Мицкоски немаме ништо лично. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја и треба дијалог, дијалогот е ветер во грб во сите наши аспирации и ќе продолжам во тој дел без разлика колку се инсинуираат лоши зборови. Ќе продолжам во интерес на државата да го негувам дијалогот, рече Заев.