Лидерот на Нагорно Карабах поднесе оставка

148

Лидерот на отцепениот регион Нагорно-Карабах поднесе оставка поради кризата со храна и гориво како резултат на речиси едногодишната блокада на територијата од Азербејџан.

„Утре ќе ја поднесам на народот на Република Арцах и на Националното собрание на Арцах мојата оставка од функцијата претседател на републиката“, изјави претходно Арајик Харутјуњан, етнички Ерменец.

Арцак е ерменското име за отцепениот регион Нагорно-Карабах.

Тој посочи дека неговото претседателствување е пречка за преговорите со Азербејџан и дека „тешкотиите во земјата значително ја намалија довербата во властите“, пренесува Ројтерс.

Харатјуњан се соочува со повици за негова оставка, кои се зголемија од декември кога Азербејџан ја започна блокадата на коридорот Лачин, единствениот пат што го поврзува Карабах со Ерменија, од кој зависи регионот.

Блокадата доведе до недостиг на храна, гориво и медицински материјали во Нагорно-Карабах.

Нагорно-Карабах, меѓународно признаен како дел од Азербејџан, но населен првенствено со етнички Ерменци, е извор на конфликт меѓу двата кавкаски соседи уште пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Ерменија и Азербејџан исто така се судрија во 2020 година околу контролата на регионот Нагорно-Карабах. Конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот е постигнат со помош на Русија.

Оттогаш руски војници се стационирани во Нагорно Карабах, но Ерменија веќе неколку месеци се жали на нивната неефикасност.

Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, поради инвазијата на Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.

Нагорно-Карабах, територија населена претежно со Ерменци, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна која однесе 30.000 животи во 1990-тите.