Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средби со граѓаните на Пештани, Рача, Елшани

295

Преку средбите со граѓаните на Охрид, но и населените места како Пештани, Рача, Елшани и другите населени места сакаме на граѓаните да им ги презентираме сите проекти што планираме во периодот што следува да ги изработиме за Охрид. Кирил Пецаков има голема поддршка во првиот круг, но на 31 октомври почнуваме од нула-нула, затоа ги повикувам охриѓани на голема масовност бидејќи само така можат да се победат притисоците, заканите, ицените, поткупот што ги има и очекуваме да бидат зајакнати наредните денови, порача денеска од Пештани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски рече дека верува во народот на Охрид, во граѓаните, во нивната чест, посочувајќи ги како луѓе кои држат до себе и својот образ и оттаму, наведе, залудни се обидите на власта и на 31 октомври охриѓани ќе изберат нова иднина, како што рече, „иднина на проекти, победи и на промени“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи примери на притисоци, навреди, омаловажувања на група граѓани и полициски службеници во Прилеп врз избраниот градоначалник Борче Јовчески, повикувајќи го обвинителството да спроведе истрага, затоа што, како што рече „се спротивно е лош пример за граѓаните како пример дека нема правда во државата“.

– Ако тоа го прават на најголемата политичка партија и врз идниот градоначалник, тогаш како ние граѓаните ќе се чуствуваме безбедни кога оние кои треба да се грижат за безбедноста всушност ја загрозуваат. На тоа мора да му се стави крај, а обвинителството да постапи според индициите, рече Мицкоски.

Последниот извештај на ЕК Мицкоски го оцени како мошне лош, слика на она што постои во земјата, а опозицијата постојано го нагласувала, како што рече, „екстремно високото ниво на криминал и корупција која владее во Македонија, отсуството на реформи“.

– Пет години не убедуваа дека ние преговараме, а ние не сме ниту почнале преговори. Сега дополнително се распродава македонската есенција, мислејќи дека ќе се добие нешто, а тоа е ништо друго туку борба за политички останок на Заев, уште неколку месеци за тендери, власт, рече Мицкоски.

Во коментар на изјавата на претседателот на СДСМ и премиер Зораз Заев за некакво враќање во 2001 година од евентуална победа на опозицијата, Мицкоски посочи на, како што рече, „непринципиелната коалиција на власта во земјата, во која токму луѓето што седат до Заев, ДУИ во Сарај и Кичево ја славеле херојската епопеја од 2001“.

– Таквите изјави не само што го потценуваат народот, туку и дополнително придонесуваат за поделби…Тие што ветуваа живот за сите, се прават за да немаме општество за сите, туку да бидеме што поподелени, осиромашени, обесхрабрени, луѓето да бидат без волја и верба во системот. Лекот за тоа е новата иднина, затоа велиме, да изградиме нова иднина. Ние нема да ја вратиме Македонија назад туку ќе ја однесме во 2022 и во ЕУ со успеси, многу реализирани проекти, силна економија и подобар живот за сите, рече Мицкоски.

Во врска со актуелното прашање околу  енергетската криза, Мицкоски истакна дека власта несериозно постапувала на укажувањата дадени уште пред четири месеци.

Освен прифаќањето на предлогот за намалување на ДДВ-то на енергенсите, Мицкоски рече дека се работи стихијно, без план, без идеја така што мора час поскоро надлежните во државата и власта да седнат, да ја разгледаат новонастанатата ситуација, да формираат кризен штаб и да се разгледаат сите сценарија, особено доколку се имаат предвидувањата на метеоролозите кои прогнозираат дека престојната зима ќе биде екстремно студена.

– Тоа значи зголемена потрошувачка на електрична енергија, јас не би сакал да има рестрикции кои граѓаните ќе ги почувствуваат на своја кожа, рече Мицкоски.