УЕФА и ФИФА се информирани за плановите за формирање на ново клупско натпреварување во Европа наречено Unify League, кое всушност ја претставува ребрендираната Супер лига.
Промоторот на новиот фудбалски проект, агенцијата А22, ги испрати деталите за новото натпреварување во кое ќе настапат 96 клубови поделени во четири различни дивизии.
Најголем поттик за промоторите на новото натпреварување е одлуката на Европскиот суд за човекови права од минатата година според која УЕФА и ФИФА мора да ги признаат сите натпреварувања чија класификација се врши на инклузивен, меритократски начин и со кој се почитува глобалниот календар.
Така во агенцијата А22 се убедени дека на УЕФА и се врзани рацете и дека нема повеќе пречки засекогаш да се смени фудбалската карта на Стариот континент.
Бернд Рајхарт, извршен директор на агенцијата А22, разговараше со бројни европски клубови во последните месеци и главно доби позитивни одговори.
Она што А22 го гледа како своја предност е тоа што сите натпревари ќе бидат бесплатни за гледање со одредени реклами, додека претплатниците ќе можат да гледаат натпревари без реклами и ќе имаат пристап до ексклузивна содржина.
Вкупно 96 клубови би биле поделени во три различни дивизии. Во првата дивизија би имало две лиги, Златна и Ѕвездена. Двете лиги би имале по 16 клубови поделени во две групи.
Четирите првопласирани екипи од сите групи во Златната и Ѕвездената лига би се пласирале во нокаут фазата и би играле за победничкиот трофеј.
Новина е што финалето би се играло во формат на фајналфор, односно во полуфиналето и финалето би се играло по еден натпревар на неутралните стадиони во избраната земја домаќин и сето тоа за една недела.
Додека третата (Сина лига) и четвртата лига (Заедничка) би броеле 32 клуба поделени во четири групи од по осум клуба.
Натпреварите би се играле по класичниот систем „дома-гости“, што значи дека секој од учесниците би имал загарантиран минимум 14 натпревари.
Агенцијата А22 потенцираше дека право на настап во новоформираната лига ќе добијат најдобрите клубови од секое национално првенство во Европа.
Според натпреварувачкиот календар, лигашкиот дел би се играл од септември до април, а останува да се види дали оваа идеја ќе се реализира.
Реал (М), Милан, Арсенал, Атлетико (М), Челзи, Барселона, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Тотенхем почнаа да ја формираат Супер лигата во април 2021 година, но УЕФА брзо успеа да го „згаси бунтот“.
Сепак сега се чека истиот предизвик, но овојпат ќе биде многу потешко бидејќи судската пресуда е на страната на бранителите на суперлигата.