Либанско Министерство за здравство: Најмалку 12 загинати и 66 ранети во денешниот израелски напад

20
Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Во денешниот воздушен напад на израелската армија на периферијата на Бејрут загинаа најмалку 12 лица, а 59 се ранети, соопшти либанското Министерство за здравство, пренесува Ројтерс.

Израелската војска претходно денеска соопшти дека извршила „целен напад“ врз либанската престолнина, додека два безбедносни извори изјавија за Ројтерс дека е погодено јужно предградие на Бејрут и дека цел бил лидер на Хезболах.

Нападот погодил локации во близина на клучни објекти што ги користи Хезболах, објави британската агенција, повикувајќи се на неименувани безбедносни извори во Либан.

Целта бил командантот на операции на Хезболах, Ибрахим Акил, велат истите извори.

И израелската воена радио станица Галеи ИД наведува дека цел на израелскиот воздушен напад врз Бејрут бил висок командант на шиитското движење Хезболах.

Радио станицата не прецизира кон кого точно бил насочен нападот.

Фотографиите и видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат голема штета на местото на несреќата и изгорени автомобили.

Денешниот напад е прв израелски напад од таков размер врз либанската престолнина во последните неколку месеци, а беше изведен откако Хезболах го бомбардира северниот дел на Израел со ракети како одмазда за масовниот напад во кој пејџерите и воки-токите на членовите на Хезболах експлодираа на во исто време, пренесува Танјуг.