Леќата и грашокот од локалитетот Влахо во Пелагонија – најстари досега датирани во Европа

183

Од македонскиот Центар за истражување на предисторијата информираат дека во рамки на нивни истражувања добиле потврда за најстарото потекло на леќата и на грашокот во Европа.

Според археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, детектирани се остатоци од повеќе мешункасти плодови и житарки. Нивното датирање со помош на радиокарбон анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на 7 милениум пр.н.е., што ги прави овие остатоци од Влахо најстари досега датирани леќа и грашок во Европа.

„Остатоците од леќа, грашок и житарки се откриени при археолошкото истражување на локалитетот Влахо кај Живојно, во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј Битола. Со примена на археоботаничките и радиокарбон анализи на универзитетите во Базел, Белград, Севилја и во Цирих, се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8.300 години. Во текот на овие истражувања се посочува и на тоа дека житарките и афионот откриени на Влахо се, исто така, едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи“, соопштија од македонскиот Центар за истражување на предисторијата.

Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија.

„Исхраната се адаптирала на климатските разлики во регионот, така што во голема мера се консумирале грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и за можна подготовка на пиво. Посевот најчесто се жнеел во пролет, додека еднозрната пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија. Резултатите од овие археоботанички истражувања се публикувани во „Vegetational History and Archaeobotany“, кое е едно првите десет археолошки списанија со највисок импакт- фактор во светот. Тоа воедно ги потврдува научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и на житарките“, се нагласува во соопштението на истражувачите Амалиа Сабанов, Феран Антолин, Раул Сотерас, Ирка Хајдас и Гоце Наумов, раководител на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија.

Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и на Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонискиот неолит во поширок европски контекст, а досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и презентирани на разни предавања и конференции во Европа и во САД, што воедно ја прави Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа.