Летувањата поскапени за 20 отсто, а за влез во Грција граѓаните ќе треба да плаќаат и нова такса од 7 евра за човек

Поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени, а доста добро одат и оние во сезона. Најголем интерес има за Грција, а поради инфлацијата, аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 отсто во однос на лани. Дополнителен трошок за граѓаните годинава ќе биде и новата такса за влез од 7 евра за човек. Од туристичките агенции велат дека се информирани за најавите дека за влез во некоја од земјите членки на ЕУ, од 2023 година ќе треба да се издвојат 7 евра, но се уште немаат добиено официјални информации од кога, како и каде ќе треба да се плаќа оваа такса

711

Продажбата на летните аранжмани за 2023 година веќе започна, а од туристичките агенции се задоволни од интересот на граѓаните за ран букинг. Велат дека најголем интерес има за Грција, но, исто така, доста барани се и Албанија, Црна Гора и Турција. Некои од туристичките агенции што ги контактиравме, велат дека поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени. Поради инфлацијата, аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 отсто во однос на лани.

Од туристичките агенции велат дека се информирани за најавите дека за влез во  некоја од земјите членки на ЕУ, од 2023 година ќе треба да се издвојат 7 евра, но се уште немаат добиено официјални информации од кога, како и каде ќе треба да се плаќа оваа такса. Доколку се воведе ваквата такса, како што велат, тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат.

– Се е пуштено во продажба, а голем дел од аранжманите во претсезона, поради големите попусти, се веќе распродадени. Во моментот, попустите за ран букинг се движат од 30 до 40 отсто и овој попуст ќе трае до 31 јануари. За претсезона, попустите изнесуваа околу 50 отсто, а приватните апартмани се веќе распродадени. Така, на пример, за Евиа, каде што цените се движат од 60 до 70 евра за човек со превоз и сместување во јуни и во септември, нема веќе слободно место во приватните апартмани. И покрај тоа што аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 отсто во однос на лани, има голем интерес за апартманско сместување во Грција за јули и за август – вели за ВЕЧЕР Елена Дренковска.

За разлика од лани, годинава има поголем интерес за ран букинг, бидејќи нема рестриктивни мерки. За закуп на апартмани во Грција, сè уште важат попустите, кои почнаа во декември, а цените за приватно сместување се движат од 300 евра, па нагоре. Во хотелите, во претсезона, цените за ноќевање со појадок се движат од 130 до 150 евра за лице, а во Турција е малку поскапо и цените за престој во хотел со авионски превоз се движат од 350 евра за лице, па нагоре.

– Најголем интерес има за апартманско сместување во Грција. Со попусти започнавме уште за блек фрајдеј и досега има доста резервации. Понудите се пуштени уште во ноември и голем дел од граѓаните ги искористија попустите за ран букинг од 40 отсто. Моменталните попусти изнесуваат 20 отсто и ќе останат до крајот на јануари – велат од една туристичка агенција.

Патниците од Македонија, Србија, Црна Гора и од БиХ во моментов можат да патуваат во земјите од Шенген зоната без виза и претходно одобрение, а од 2023 година веќе нема да можат да го прават тоа. Освен дозвола, ќе треба да плаќаат и такса од 7 евра. Дозволата ќе биде валидна за неограничен број влегувања во ЕУ во рок од три години.

Минатата година, околу половина милион македонски граѓани ја посетиле Грција, со што земјава е на 11. место меѓу топ-15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, покажуваат податоците на Здружението на грчки туристички бизниси.

(А.С.)