Лесно се прави традиција, но тешко се одржува, ама тоа не важи за скопските бадникари!

500

Нема сила што ќе ги спречи скопските бадникари да ја продолжат традицијата да го прослават Бадник предвесникот на најголемиот христијански празник Божик пред платото на Соборниот храм. Годинешниот кум, еден од ветераните во Одборот за традиционална прослава на Бадник, Мојсо Мојсовски, кој е во него уште на самиот почеток, искрено говори дека кумството за Бадник 2023 го примил со огромно задоволство и чест, но дека во еден момент помислил зошто токму тој.

Тогаш ќе биде осветена бадниковата погача, по што ќе се обрати архиепископот г. Г. Стефан, а потоа здравичарот Иве Стевков Вујче ќе ја прочита здравицата. Се очекува обраќање да има и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска

Нема сила што ќе ги спречи скопските бадникари да ја продолжат традицијата да го прослават Бадник, предвесникот на најголемиот христијански празник Божик, пред платото на Соборниот храм.

Со преданост и љубов кон саканиот град му создадоа и му оставаат традиција за почит. Верни се на определбата дека Бадникарите (името им го даде г.г. Михаил заедно со аманетот за отстапување на просторот пред Соборниот храм за Бадник) се непартиска, непрофитабилна и нецрковна дружина и на тоа опстојуваат. Но, во ништо немаше да успеат, како што велат доколку со нив од првиот ден не беа медиумите, нивните поддржувачи и многубројните спонзори несебично и полни со радост и среќа.

ТРИ ДЕЦЕНИИ ТРАДИЦИЈА

Велат кога пандемијата со ковид-19 не успеа да ја прекине нишката која се ниже веќе 30 години, бидејќи Одборот за традиционална прослава на Бадник со монографија која ќе биде издадена на крајот на февруари или почетокот на март ќе одбележи тридецениско постоење, тогаш ништо не може да ги оддели од традицијата. Засадија и 30 млади дабови дрвца во месноста Говрлева краста, на јужните падини на Водно, каде и ги берат бадниковите гранчиња со кои на симболичен начин одбележаа 30 години успешна активност. Бројката кажува дека е потребна сила, упорност и истрајност тоа да се пренесува на помладите генерации и да се одржува без никаков застој.

Годинава кумството тие не му го препуштија на некој однадвор што до сега беше традиција. Причината за тоа е токму нивниот јубилеј. Годинешниот кум, еден од ветераните во Одборот за традиционална прослава на Бадник, Мојсо Мојсовски, кој е во него уште на самиот почеток, искрено говори дека кумството за Бадник 2023 го примил со огромно задоволство и чест, но дека во еден момент помислил зошто токму тој.

– Меѓу нас има помлади и заслужни да ја понесат оваа титула и должност. Ме премисли и кандиса предлогот со мене во пар да биде Марко Илковски – јуниор, внукот на нашиот Марче, кој нè напушти токму во годината кога заедно требаше да бидеме кумови, во тимот заедно со Иве Стевков Вујче кој е здравичар – изјави Мојсовски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека кумството и здравичарството не ги ослободува од секојдневните активности во рамките на подготовките за Бадник 2023 и оти кумови се сите членови на одборот.

ПОЧЕТОЦИТЕ ДОКУМЕНТИРАНИ ВО ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР

Мојсо се сеќава на почетоците на оваа традиција додавајќи дека легендарната фотка од историската 1993 година, 6 јануари снимена на скопското пазарче „Буњаковец“, излегла во ВЕЧЕР, за кој вели дека е легендарниот весник за секој стар скопјанец.

– Оваа фотографија ја има направено Десо (поранешен фоторепортер во весникот ВЕЧЕР), таткото на Димитар кој е со нас во секоја пригода заедно со фотоапаратот. Правевме напори од фотодокументацијата да пронајдеме уште нешто, но не успеавме, барем засега! Mногу често во секојдневието слушаме – лесно се прави традиција, но тешко се одржува! Но, тоа,очигледно, не важи за скопските бадникари – нагласува Мојсо.

Првиот обид, како што вели, им бил на пазарчето во Буњаковец.

– На петти јануари 1993 година вечерта Диме Костовски уредник на трет канал на МРТВ најави дека на шести ќе се дели бадниково гранче без пари и топла ракија, а ние немавме врска за тоа. Борче и Кире кои беа повикани тоа да го направат без нивно знаење утрината донесоа термос со топла ракија кои го ставија на една масичка за кампување. Во меѓувреме, доаѓа покојниот Жабар со плинско решо и со ракија, па така истрошената топла ракија од термосот се надополни со нова. Во меѓувреме, Борче и Кире одат од човек на човек кој што продава бадникови гранчиња му ги откупуваат и потоа ги делат на луѓето. Така изгледаше празнувањето на Бадник првата година – се сеќава Мојсо додавајќи, дека дошол попот Методија и им рекол дека не се за овде, па им предложил да побараат согласност од Соборниот храм тоа да го прават на платото.

ПРВИОТ ПАЈТОН НА САЛИ

Првиот пајтон со кој се носи кумот на прославата го возел Сали.

– Го поправивме пајтонот и го обложивме со нова кожа. Го однесовме во поранешната фабрика за мебел „Треска“. Малку црн хумор поврзан со пајтонот на Сали. На една прослава на овој празник, Сали успеа да направи и сообраќајна незгода. Се случи зад Старата железничка станица. На излегување од уличката го собрал некој со автомобил – раскажува Мојсо.

Потоа пајтонџија бил Миле од Скопска Црна Гора кој и ден денес го вози кумот на прославата.

– Обичај било кога се враќа некој од пат, дома да си дојде со пајтон – вели Мојсо.

Инаку, прв со пајтон на прославата на бадник дошол Никола Георгиевски, а неговата мајка направила погача, бидејќи кум без погача не бидува. Па така и продолжува обичајот погача да се носи и да се освети во Соборниот храм.

Мојсо не е сам во кумството. Нему друштво ќе му прави малиот Марко Илковски кој има седум години. Неговиот дедо чие име сега тој го носи заедно со Мојсо требаше да биде кум. Но, за жал, пред шест месеци тој починал, па неговиот внук ќе ја заврши задачата и со тоа ќе се стави до знаење дека традицијата останува да ја продолжат младите генерации, а за среќа одборот ги има.

На прашањето што сака да биде Марко, вели бадникар.

Здравичарот Иван Стефков исто така е од самиот почеток на функционирање на Одборот. Негова е идејата претставници од Одборот заедно со кумот и здравичарот токму на Бадник да го посетат Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани и да им го доловат празнувањето.

– Во 1994 година отидов во овој дом да прашам дали ќе ни дозволат да однесеме бадникови гранчиња за празникот за празнувањето да им го доловиме и ним. Од година во година се воведуваа новитети. Од гранчиња до греена ракија, чај. Воведовме да има и свештено лице. Тој ден на оние што престојуваат во домот им е највесел. Стануваат уште во пет часот да се подготват, да се дотераат и со нетрпение очекуваат да се појавиме. А за дочекот што ни го приредуваат и да не зборувам. Секогаш е со музика и со сите адети кои ги носи празникот – опишува Стефков.

Тој вели вечерта за Бадник прославува во кругот на семејството заедно со синот, ќерката и двете внуки Сара и Ива, бидејќи како што вели традицијата, кај и да си за Бадник и Божик дома да си.

И сега кога сè е подготвено, познати се кумовите и здравичарот, а и набрани бадниковите гранчиња се очекува свечената церемонија на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Тогаш ќе биде осветена бадниковата погача, по што ќе се обрати архиепископот Господин Господин Стефан, а потоа здравичарот ќе ја прочита здравицата. Се очекува свое обраќање да има и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Следува разговор со новиот кум, но и со старите кумови музичарите Драган Спасовски Дац и Александар Митевски, по што следува предавањето на купот од стариот на новиот кум. И потоа кумот си оди со пајтонот.

(А.П.)