Барем на хартија, денешните реванш 1/8 финални натпревари во Лигата на шампиони, би требало да бидат чиста формалност за големите фаворити за победничкиот пехар, бранителот на тронот, тимот на Манчестер Сити и шпанскиот гигант Реал (М).
Англискиот премиерлигаш забележа убедлив триумф од 3:1 на гостувањето во Данска и тешко е за верување дека тимот на Копенхаген може да ја победи четата на Пеп Гвардиола со два или три гола разлика и тоа на „Итихат“.
За верување е дека шпанскиот стручњак ќе се одлучи за комбиниран состав затоа што за неколку дена е на програма дерби натпреварот против директниот ривал за шампионската титула во Премиер лигата, екипата на Ливерпул.
-Ќе мислиме на Ливерпул после дуелот со Копенхаген кој е прв на програмата. Знам дека имаме предност од 3:1, но мора да бидеме максимално внимателни. Го победивме РБ Лајпциг со 3:1 во Германија, но на вториот натпревар после 10 минути имавме негатива од 2:0 и потенцијален црвен картон. Затоа мора да бидеме внимателни. До среда, околу полноќ, јас ќе мислам само на Копенхаген, а потоа на Ливерпул, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Со предност, но од еден гол, најтрофејниот тим во ЛШ, Реал (М), ќе го стартува реванш 1/8 финалниот дуел против германскиот преставник РБ Лајпциг. И покрај одличната игра на популарните „бикови“ на првиот натпревар, тешко е за верување дека четата на Карло Анчелоти ќе доживеаа елиминација.
-И покрај поразот на првиот натпревар, јас бев задоволен од играта на моите фудбалери. Нема да го менуваме нашиот пристап во Мадрид. Убеден сум дека можеме да одиграме уште подобро, иако резултатите во последниот период тоа не го покажуваат. Ќе бидеме на висина на задачата, ќе му се спротиставиме на фаворизираниот противник, изјави тренерот на РБ Лајпциг, Марко Розе.