Лекар три пати неделно ќе доаѓа во Црник

101

Прифатени барањата на жителите од пехчевското село Црник. За здравјето на жителите од ова село ќе се грижи лекар кој селото ќе го посетува три пати неделно. Потребните здравствени услуги ќе им ги дава во просторија која се доопремува.

– Во изминатиот период пробно имавме посета на доктор, кој доаѓаше во селото. Во моментот се работи на доопремување на просторијата во која треба да работи докторот, кој ќе може барем трипати во неделата да доаѓа. Се надевам дека во иднина селаните ќе имаат можност да одат на преглед кај докторот во нивното село, а да не патуваат по 15 километри во Пехчево – вели градоначалникот на општина Пехчево, Драган Тренчовски.

Директорката на Здравствениот дом во Пехчево, Даниела Георгиевска Кукушовски изјави дека во врска со тоа постојано се во контакт со министерот за здравство и вложуваат напори да се вработат и нови лекари.

– Имаме интерес и желба да се овозможи доаѓање на лекар во село Црник – истакна Георгиевска Кукушовски.

Според Зоран Биковски од НВО „КХАМ“, исполнувањето на ова ветување ќе значи и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните од ова село.

– Самите жители го адресираа проблемот дека сакаат да имаат доктор во местото на живеење. Слушнавме ветувања, гарантирани ветувања дека во најскоро време ќе започне да работи здравствената ординација со што сметаме дека во голема мерка ќе се подобри квалитетот на живеење и квалитетот на здравствени услуги на локално ниво – истакна Биковски.

Село Црник е село со мешан состав на населението и е едно од поголемите села во Пехчевскиот регион.