По срамната елиминација во групната фаза на Светското првенство во Русија, Германците најавуваат големи промени во националниот тим. Очекувањата беа дека Јоаким Лев ќе добие отказ и дека некој друг ќе ја спроведува револуцијата, но искусниот стручњак ја доби потребната поддршка од челниците во Фудбалската федерација на Германија.
Германските медиуми открија дека селекторот и неговите помошници, Маркус Соргом и Оливер Бироф веќе неколку дена престојуваат во Минхен каде треба на тројца фудбалери на Баерн (М) да им соопштат дека повеќе немаат потреба од нивните услуги.
Националниот тим треба да стане минато за Томас Милер, Матс Хумелс и Џером Боатенг, а шанса треба да добијат некои помлади и поталентирани играчи. Триото од Баерн (М), заедно со Тони Крос, Филип Ламп и Месут Озил, беа најзаслужни за освоената светска титула на Мундијалот во 2014 година.
Рускиот дебакл прво го плати Сами Кедира, потоа се прости Месут Озил, а откако Лев го пречкрта троецот од Минхен, јасно стана дека во квалификацискиот циклус за ЕП 2020 ќе гледаме една нова, далеку помлада Германија.
- Оваа година е нов почеток за нашата репрезентација. Сакаме да продолжиме таму каде што застанавме на крајот од 2018 година, да продолжиме со промените и подмладувањето. Во репрезентацијата повеќе нема да играат Милер, Боатенг и Хумелс. Сакав јас лично да им ја соопштам таа одлука. Тоа и го направив. Станува збор за големи играчи, со нив постигнавме голем успех, но репрезентацијата има потреба од промени, да се движи по некоја нова насока, кон подобрата иднина. Сакам екипата да има едно ново лице. Јас сум убеден дека ова е вистинскиот пат, изјави Лев.
Предводникот на “панцирите” го најави и почетокот на квалификацискиот циклус за ЕП 2020.
- Во годината кога стартуваат квалификациите ние испраќаме јасен сигнал – сакаме подмладување во репрезентацијата. Младите играчи имаат потреба од простор, само така успешно ќе продолжат со развувањето, изјави Лев.
Германците квалификацискиот циклус го стартуваат на 20 март против селекцијата на Србија, а четири дена подоцна гостуваат во Холандија.