Верниот слуга на Стопанската комора и домашната олигархија, Мицкоски, најави враќање на недела за работен ден. Откако неспособна Влада на ДПМНЕ, ЗНАМ и на „Вреди“, преку манипулативните кошнички, зголемените цени на суровините и на електричната енергија, сервираше нова порција инфлација што го доведе работникот до работ на егзистенцијата, сега го принудува, за дополнителен приход, да работи и во недела.
Ваквиот сурово капиталистички однос кон работниците од десничарската Влада е очекуван! Минималната потрошувачка кошничка изнесува три минимални плати, што укажува на тоа дека платите на двајца возрасни што земаат минимална плата, не може да ги задоволат ни основните животни потреби на едно семејство. Кратењето на уште едно работничко право, несомнено, доведува до нов бран иселување на најспособните работници, што прави државата, која има сè поскромен човечки ресурс, целосно да колаборира.
Потсетуваме дека на овој удар по грбот на работникот му претходат бројни средби меѓу Мицкоски и претседателот на Стопанската комора, Азески. Збеснатата Влада е подготвена да ги полни својата благосостојба и џебовите на сопствените донатори од маката на работникот. Затоа нивниот експлоататорски нагон ги става на маса интересите на алчната буржоазија, која станува сѐ побогата, додека работниците и синдикатите се исклучени од процесите и стануваат сѐ посиромашни.
Левица нема да дозволи рајот на Мицкоски и на Азески да биде граден врз пеколот на работниците. Како работничка партија, најавуваме отвореност за соработка со работниците и со синдикатите, за отфрлање на лукративните робовладетелски интереси на буржоазијата. Наместо ова, се залагаме да се стават на маса барањата на работниците за зголемена минимална плата и воведување и на сабота за неработен ден.
Работникот не смее да биде поставен на дното од општеството и претворен во слуга на капиталот. Затоа најавуваме бескомпромисна борбa против обидот за одземање на ова круцијално работничко право. Не за богатење врз гробот на работниците!