Левица поднесе пријава за изградба на дивиот водовод во Горно Нерези

1112

Советничката група на Левица во Општина Карпош поднесе пријава до секторот Инспекторат за дивиот водовод што се гради во Горно Нерези. Оттаму велат дека се работи за водовод што се гради подолго време во населеното место.

– Инвеститорот е непознат, а изведбата е надвор од сите пропишани законски рамки. Токму поради тоа, советниците на Левица поднесоа и советничко прашање до градоначалникот и службите, но оттаму неколку месеци нема одговор – потенцираат од Левица.

Тие прашуваат дали за водоводот усна дозвола има дадено претходниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев и тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, со оглед на тоа што првиот дел на изградбата започна во нивно време.

– Дали на дивиот водовод се приклучени објектите во сопственост на сегашни и поранешни функционери на СДСМ и ДУИ? Дали градоначалникот Стевче Јакимовски, исто така, ја одобрува дивата изградба на водоводот и дали општинските служби повеќе години го штитат непознатиот инвеститор и не постапуваат согласно со овластувањата? Очекуваме најбрз одговор од секторот Инспекторат, како и од општинските служби – велат од Левица.