Левица бара смена на Гаши, ВМРО-ДПМНЕ е против, СДСМ одлучува денеска, Вреди не го дава!

Пратениците утре ќе гласаат за интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, што ја поднесе Левица, но досега партијата на Апасиев не доби зелено светло од владејачката коалиција и покрај понудата за бланко поддршка за избор на иден собраниски спикер, откако ќе биде сменет Гаши. Од опозицискиот СДСМ, пак, денеска, на координација ќе донесат став за тоа како ќе гласаат за интерпелацијата. Од Левица вчера ги повикаа парламентарните партии од македонскиот блок да ја оправдаат довербата дадена од граѓаните и побараа од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ И од СДСМ да се вразумат и да ја поддржат интерпелацијата за Гаши. Коалицијата Вреди, пак, му дава безрезервна поддршка на Африм Гаши и смета дека „оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата“

963

Пратениците утре ќе гласаат за интерпелацијата за претседателот на Собранието што ја поднесе Левица, но досега партијата на Апасиев не доби зелено светло од владејачката коалиција и покрај понудата за бланко поддршка за избор на иден собраниски спикер, откако ќе биде сменет Гаши. Од опозицискиот СДСМ, пак, денеска, на координација ќе донесат став за тоа како ќе гласаат за интерпелацијата. Од Левица вчера ги повикаа парламентарните партии од македонскиот блок да ја оправдаат довербата дадена од граѓаните и побараа од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ И од СДСМ да се вразумат и да ја поддржат интерпелацијата за Гаши.

– На два дена пред собраниската седница на која ќе се најде интерпелацијата за спикерот Гаши, СДС и ЗНАМ сѐ уште се немаат произнесено за неа. Намерата на ДПМНЕ да гласа против интерпелацијата и нејзиниот наратив дека „Гаши е подобар од Џафери“, ги цениме како крајно очајни. Повторно им предочуваме дека на македонското Собрание и на Македонија не им треба некој со капацитет и дејства споредливи со оние на Џафери, туку им треба целосно сосекување на необалистичките елементи и погубните практики. Потсетуваме дека Левица и во минатиот мандат беше иницијатор за интерпелации за тогашниот спикер, Таљат Џафери, а за разлика од другите политички субјекти, против него имаше поднесено и голем број кривични пријави и иницијативи до Уставниот суд – велат од Левица.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека партијата денеска ќе одржи координација со пратеничката група, на која ќе донесе став за интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, иако на почетокот од минатиот месец портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, му порача на премиерот Христијан Мицкоски да не го штити и итно да го смени Гаши од претседател на Собранието.

Како што рече Филипче, координацијата треба да се одржи околу 10:00 часот.

– Ќе дозволите тоа да не биде мој личен став, туку на пратеничката група – истакна Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за партискиот став за интерпелацијата.

Од Вреди, пак, му дадоа безрезервна поддршка на Африм Гаши. Координативното политичко тело на коалицијата вчера одржа работен состанок на кој, како што соопштија, во фокусот биле дискусиите за интерпелацијата поднесена против Гаши, како и најновите изјави на претседателот на Уставниот суд во врска со Законот за употреба на јазиците и балансерот.

– Координативното тело на Вреди ја оценува интерпелацијата против претседателот на Собранието како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација. Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата Левица, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои, всушност, со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси – соопштија од Вреди, од каде што ја оценија како опасна и неприфатлива иницијативата на Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, затоа што начинот на кој се однесува тој како спикер во Парламентот, како ги води седниците и сето тоа што се случува таму претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник. Според Мицкоски, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица има свои мотиви зошто поднесува таков вид интерпелација.

– Претпоставувам, оваа коалиција и политичарите од рангот на Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи и Али Ахмети им е подобра отколку сегашната состојба, но јас не мислам дека е така и затоа нема да поддржиме ваков вид интерпелација – изјави Мицкоски.

Пратеничката група на Левица, на почетокот од август, поднесе во Парламентот интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Интерпелацијата е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница, закажана за утре.

На почетокот од август, Левица поднесе во Парламентот интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“. Според нив, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниската седница за одбележување на геноцидот во Сребреница, заедно со други присутни, изведе групна верска молитва. Како втора причина за барањето одговорност е наведен инцидентот со косовската претседателка, Вјоса Османи, на Скопскиот аеродром. Според „Левица“, Гаши, како претседател на законодавниот дом, направил и повреда на употребата на македонскиот јазик, затоа што заклетвата што ја даде, како веќе избран претседател, прво ја даде на албански, а не на македонски јазик. Сметаат и дека го злоупотребил Законот за државни симболи, затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија, а не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери, кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер. Во меѓувреме, Гаши го привлече вниманието на јавноста и со патувањето со службено возило на свадбена веселба во Косово. (В.С.Н.)