Лајчак по средбата со Курти: Ќе има санкции и против Србија доколку постапува спротивно на барањата на ЕУ

86
Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по двочасовната средба со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина изјави дека моменталната ситуација не е лесна.

Запрашан дали успеал „малку да го омекне Курти“, Лајчак рече: „Тој ги презентираше своите ставови, јас ги презентирав моите идеи и предлози, средбата беше долга, но многу важна“.

„Тоа не е лесна задача, ниту пак лесна ситуација. Имав важни средби со претседателот Османи и со премиерот Курти. Морам да ги изберам зборовите, има разбирање за потребата да се оди напред по трите точки што ги предложи ЕУ – проширување, нови избори и враќање на нормализацијата. Останува да продолжиме со дискусиите за конкретни чекори што треба да се преземат“, рече Лајчак, пренесува Косово онлајн.

Запрашан за санкциите против Косово, Лајчак рече дека не е во негова надлежност да ги коментира тие мерки, додавајќи дека јасно е дека Европската унија не е среќна што е во ситуација да ги донесува.

Тој додаде дека санкциите се подготвени и против Србија, доколку се констатира дека Белград не постапува во согласност со барањата на ЕУ.

„ЕУ јасно стави до знаење дека има подготвени санкции и за Србија, кои ќе се применат доколку се сфати дека Белград не постапува според барањата на Унијата. Тоа е одлука на земјите членки. Моја желба е да нема санкции ниту за Косово, ниту за Србија, туку двете страни да дојдат во Брисел и да преговараат како да ги спроведат договорите“, рече Лајчак, кој утре ќе престојува во Белград.