Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изрази надеж дека во Брисел ќе се најде решение за смирување на тензиите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој денеска во Брисел се сретна со преговарачите на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.
-Искрено се надевам дека денеска ќе успееме да најдеме решение за деескалација на тензиите и да продолжиме да работиме на нормализација на односите. Разговорите се во тек, напиша Лајчак на Твитер.
Како што јави белградска Н1, се очекува разговорите да траат до доцна во ноќта. Трилатералната средба траеше два часа, а по паузата продолжи средбата на Петровиќ и Бисљими со Лајчак.
Главните преговарачи се во Брисел само два дена по неуспешната рунда на дијалог на највисоко политичко ниво со европските претставници во Брисел.
За неуспех на средбата што се одржа на 21 ноември, домаќинот високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, одговорноста ја префрли на премиерот на Косово, Албин Курти.
Косовските власти за 21 ноември најавија почеток на изрекување казни за сопствениците на возила со српски регистрации. ЕУ и САД постојано бараа од официјална Приштина да ја одложи одлуката за десет месеци, што косовските власти го одбија.
Но, по враќањето од Брисел, шефот на косовската влада Албин Курти најави дека го одложува изрекувањето на казните за 48 часа, откако тоа од него беше побарано од американската страна, која исто како и ЕУ изрази разочараност од неуспехот за договор на лидерите на Косово и Србија со високиот претставник на ЕУ Борел за решението на актуелната криза во Косово.
Последната тензија на релација Приштина-Белград беше предизвикана од регистарски таблички, а Европската унија во повеќе наврати оцени дека се работи за „најсериозна криза од 2013 година“.