Новата сезона на Светскиот куп во алпско скијање само што започна, полека се загреваме за вистинските возбудувања, а во американскиот Килингтон видовме уште еден историски момент во овој спорт. Славата замина кај девојка која штотуку наполнила 16 години.
Верувале или не, Албанија ги доби првите бодови на Светскиот куп, бидејќи има девојка меѓу светската скијачка елита, но тоа е приказна која има неверојатна заднина.
Станува збор за младата Лара Колтури, девојка која на 15 ноември наполни 16 години, а една недела подоцна стигна до своите први бодови во Светскиот куп, освојувајќи го 17. место во велеслалом.
Покрај тоа што е најмлада во караванот на Светскиот куп, Лара е и ќерка на легендарната Даниела Чекарели, италијанската скијачка која во 2002 година стана олимписка шампионка во Солт Лејк Сити, во дисциплината супервелеслалом.
Лара почнала да тренира во Италија, од каде што се нејзините родители. Но, поради расправија со тамошната федерација, Даниела решила нејзината ќерка да скија за друга земја. Иако била повредена од однесувањето на поединци во Скијачката федерација на Италија, таа одлучила да ја насочи својата ќерка во друга насока.
Во консултација со нејзиниот сопруг Алесандро Колтури, одлучила Лара да не настапува под италијанско знаме.
Сите го очекуваа името на државата што ќе ја земе Лара за свој претставник. Се зборуваше за Лихтенштајн, Словенија, Полска, дури и за Сан Марино, но на крајот паричката паднала на земја која нема традиција во зимските спортови – Албанија.
Даниела и Алесандро веруваа дека Лара под знамето на Албанија може да има целосна слобода без јавен притисок, бидејќи зимските спортови во Албанија се непознати за повеќето. Таа преку ноќ го замени знамето на Италија со знамето на Албанија и на 15-годишна возраст застана на стартот со најдобрите скијачки на денешницата.
Таа на слаломската трка во Леви за девет стотинки не се пласираше во второто возење, но потоа експлодираше во Килинготн во велеслалом и ги освои првите поени во кариерата, први за Албанија во историјата на скијањето.
Имавме случај и претходно поединечни скијачи да одберат друга земја поради несогласувања со националните федерации. Така, Килијан Албрехт по расправијата со Австрискиот скијачки сојуз настапи под знамето на Бугарија, додека Сара Шлепер го замени знамето на САД со знамето на Мексико.
ФИС им дозволува на машките и женските натпреварувачи да ги менуваат земјите за кои ќе се натпреваруваат на овој начин, бидејќи сметаат дека со изборот на помали земји, скијањето би добило на популарност.