Ако барате лаптопи нема, ги добивме и за два часа се потрошија. Ќе почекате за една недела ќе добиеме нови ама не знаеме дали ќе има од тие поевтините. Ова е најчест одговор на продавачите во продавниците за техника деновиве пред кои имаше долги редици од родители кој нестрпливо чекаа да купат лаптоп за онлајн настава на нивните деца. На поголем дел од нив, односно на оние кои бараа лаптоп со поприфатлива цена потрагата им завршуваше неуспешно. Во продавниците за техника деновиве во моментов не можеше да се најде лаптоп за добра цена, најевтините се од 30 илјади па нагоре.
Голем дел од родителите се бунеа зошто толку доцна Министерството за образование и наука ги информираше за минималната конфигурација на компјутерите што им е потребна на учениците за следење на онлајн настава преку националната платформа. Лаптоп или компјутери со i3 процесор и 4GB РАМ-меморија речиси и да не можете да најдете во земјава, а и да најдете најевтините се движат околу 20 илјади денари. Ова е голем трошок за едно семејство, а особено ако се земе предвид дека некој семејства имаат и по две, три деца кој треба да следат онлајн настава.
И за семејствата кои не се социјални случаи ова е голем трошок и не можат да си дозволат одеднаш да купат два или три компјутери.
-Дома имам три деца кој следат онлајн настава. Едното е четврто, другото седмо одделени, а третото втора година средно. Дома имавме два компјутера и знаевме дека ќе треба да купиме еден компјутер, но кога дознавме дека за платформата се бараат појаки компјутери видовме дека ќе ни требаат два, бидејќи на стариот не може да се следи настава. Ова е голем трошок за нас и покрај тоа што и јас и сопругот работиме, вели Александра која смета дека МОН требало порано да ги информира за да можат да си ги поделат трошоците.
И друга мајка на дете кое треба да следи онлајн настава вели дека се соочиле со истиот проблем и оти и покрај тоа што дома имале компјутер не можеле да се вклучат на платформата, бидејќи бил постар и сликата постојано им сецка, а гласот се губи. Со ист проблем се соочуваат и родителите чии деца мора да следат настава преку мобилен телефон и таблет.
-Просто е невозможно да најдеме компјутер во градот. Една недела сум во потрага по компјутер, ама нема. Во еден ПС маркет имаше лаптопи по цена од 15.980 денари, кои беа најевтини во градот ама веднаш се потрошија. Кога отидов во продавницата ми рекоа дека нема и дека сите се продале, вели еден родител и додава дека во државата има семејства кои не можат да си дозволат да купат и од најевтините и се прашува како нивните деца да следат настава.
И продавачите во продавниците за компјутери велат дека не можат да поверуваат колку брзо им се потрошиле компјутерите и лаптопите.
-Нема да ви се верува ама леб да беше немаше да се потроши толку брзо. И производителите не можат да постигнат, бидејќи поради состојбата со пандемијата има голема побарувачка за компјутери во цел свет. Учениците следат настава онлајн, а голем дел од фирмите работат од дома па поради тоа и сите резерви се исцрпени, велат од еден ПС маркет во градот.
Во моментот најниската цена на лаптоп со минималната конфигурација за следење на онлајн настава во продавниците за техника е 15.980 денари, а на десктоп-компјутери од 17.500 денари па нагоре но ги нема на залиха. Цените на оние кои можат да се најдат во моментов се движат од 35 илјади па нагоре.
(А.С.)