Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2019 година според која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3.686 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 130 милиони евра. Споредено со претходната година, вредноста на јавните набавки во 2019 година бележи пораст од 33 милиони евра односно 33,8 %.
Скок во вредноста на тендерите има кај Градот Скопје и 58 општини, додека намалување има кај 22 општини. Најголем вредносен пораст има кај Градот Скопје (7 милиони евра), Тетово (3,7 милиони евра) и Битола (2,8 милиони евра). Најголеми падови во апсолутни износи има кај Гази Баба, Куманово и Струга. Во релативна смисла, најголеми скокови и падови во вредноста на тендерите во 2019 година се забележани кај помалите општини и тоа скокови кај Ранковце (+409 %), Кривогаштани (+377 %) и Македонски Брод (+366 %), а падови кај Арачиново (-96 %), Сопиште (-92 %) и Пласница (-80 %).
Лидерската позиција според вредноста на тендерите на локално ниво Градот Скопје ја зацврсти со тоа што лани склучи 247 договори во вредност од околу 21 милион евра што е за 47 % повеќе од претходната година. За разлика од Градот Скопје, кај скопските општини има доминантно негативен тренд. Раст има само кај општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари, додека кај останатите седум скопски општини вредноста на договорите за јавни набавки е намалена и тоа од 5,6 % во Ѓорче Петров до 46 % во Гази Баба.
Кај фирмите, најголема вредност на тендерите во 2019 имаат градежната компанија ЈУ-БАЈ 2 Ахмет од село Бојане, нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол од Пласница и градежната компанија Коле-Транс Инжинеринг од Штип.