Лампард е минато, но кој ќе биде иднината на Челзи?!

270

Голема е веројатноста дека Франк Лампард во неделата за последен пат беше менаџер на лондонскиот премиерлигаш Челзи. Англиските медиуми веќе на големо пишуваат дека Лампард е минато, дека е главен виновник за очајните резултати во Премиер лигата и за лошиот избор за фудбалери кои беа ангажирани за време на летниот преоден рок.

Неделниот дерби натпревар против големиот ривал, тимот на Манчестер Сити, заврши со убедлив триумф на „граѓаните“ (3:1) кои после 34 минути игра имаа убедливо водство од 3:0.

  • Јас сум тој кој мора да ги врати фудбалерите во суровата реалност, кој мора да им каже дека ќе има напорна работа и дека некогаш ќе има болка. Денеска беше многу болно кога е во прашање првото полувреме. Нивото на игра кое беше прикажано од противникот треба да послужи како пример за нас. Видов реакција во второто полувреме, но има уште многу работа пред нас. Каде да се бара вината за овој пораз? Грешки, индивидуални грешки, не бевме доволно блиску до противникот. Тие експресно не казнија. Ако сакаш да играш на највисоко множно ниво, а Сити веќе неколку години е на самиот врв, тогаш мора да го прифатиш големиот притисок. Бевме достоен ривал во второто полувреме, но натпреварот веќе беше готов, противникот водеше со 3:0, изјави Лампард.

Легендарниот репрезентативец на Англија за време на летниот преоден рок потроши повеќе од 220 мил. фунти на новите фудбалери, но најзвучните аквизиции, Тимо Вернер и Кај Хавертц веќе со месеци играат под очекуваното ниво.

Според британските медиуми, сопственикот на лондонските „сини“, Роман Абрамович, има две опции на располагање кога е во прашање менаџерската функција. Прва опција е трофејниот италијански стручњак, Масимилијано Алегри, кој паузира повеќе од 18 месеци, но постојано изјавува дека е подготвен да се врати во тренерските води. Втората опција е германскиот стручњак Томас Тухел, кој пред неколку дена доби отказ од актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ.