Лажни информации го преплавија светот, а некои тешко се препознаваат

109

Трендот за протнување на лажни информациите низ социјалните мрежи, но и низ медиумите е постар, но американските претседателски избори беа особена плодно почва за нив. Најновата лага, поврзана со изборите во САД, поточно победата на Трамп е за неговиот избор на шеф на ЦИА. Се работи за постара фотографија на Џон Ретклиф на која тој наводно со дланките лета орел, симбол на голема Албанија.  За да се создаде дипфејк со алатките на вештачката интелигенција потребни се само слика или малку аудио. Порано за да се клонира глас се користеле часови говор, а денеска се потребни само 10 секунди.

 

До пред самиот крај неизвесниот исход на изборот за претседател на САД ги разбранува духовите низ светот, но им даде и материјал за работа на корисниците на социјални мрежи кои креираат лажни вести, на кои понекогаш се налепуваат и сериозни медиуми.

Поддржувачите на демократката Камала Харис го оцрнуваа нејзиниот противкандидат Доналд Трамп користејќи сосема лажни, таканаречени дипфејк  информации, кои јавноста гладна за нешто интересно веднаш ги проголтуваше. Исто се случуваше и со поддржувачите на републиканецот Доналд Трамп додека траеше кампањата, а дипфејк пресметката на двата табора продолжи и по изборите.

Трендот за протнување на лажни информациите низ социјалните мрежи, но и низ медиумите е постар, но американските претседателски избори беа особена плодна почва за нив.

Најновата лага поврзана со изборите во САД, поточно победата на Трамп, е за неговиот избор на шеф на ЦИА. Се работи за постара фотографија на Џон Ретклиф на која тој наводно со дланките лета орел, симбол на голема Албанија. Постот е на корисникот Шпенд Лила, кој покрај фотографијата напишал „Новите САД. Директорот на Националното разузнавање, Џон Ретклиф. Вистински пријател на Косово и на Албанците.“

Претходно на социјалните мрежи се појави снимка на пребојосување на мурал со ликот на Харис, што ја пренесоа и српски медиуми тврдејќи дека е насликан на зграда во косовскиот град Приштина, а дека се брише веднаш по информацијата за победата на Трамп. Еден од текстовите со кои беше проследена сликата гласеше: „Приштина, судејќи според сè, е повеќе од загрижена поради исходот на американските избори. Тоа го потврдува и снимката создадена во овој град, која докажува дека имале поинакви очекувања и дека се надевале на победа на Калмала Харис. Но, по објавата дека новоизбраниот претседател на Америка е Доналд Трамп, во Приштина веднаш на една зграда е префарбан мурал со ликот на Камала“.

Српскиот вистиномер, користејќи „Гугл мапс“ откри дека се работи за лажна информација. Вистината е дека муралот е на зграда во американскиот град Атланта, а не во Приштина. Се огласи и неговиот автор, кој рече дека тој мурал отсекогаш бил замислен како привремен и затоа се пребојадисува.

Велат дека повторена лага станува вистина. Тоа се сакало да се постигне и со неодамна објавената снимка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој плаче додека им дава изјава на новинарите. Таа снимка, која всушност е вештачки генерирана, по вторпат станува вирална на социјалните мрежи, а ја пренесоа и некои портали. Првпат е проширена преку руските Телеграм канали, пред повеќе од две години, уште кога генеративната вештачка интелигенција беше во зачеток. Реобјавата е од неодамна, веднаш по победата на Трамп и проследена е со истиот наратив дека Зеленски е неспособен, но и пресметлив, па  војната во својата земја ја злоупотребува во своја корист. При повторното објавување се додава дека Зеленски плаче зашто Трамп станал американски претседател и веќе нема да добива долари од него.

Лажните информации постоеле отсекогаш, но сега сме практично преплавени со нив. Доктор Џенифер Вилијамс, од универзитетот во Саутемптон, за Би-би-си вели дека денес тие се креираат многу полесно од порано, зашто на располагање се голем број извори на онлајн алатки и тоа бесплатни. За да се создаде дипфејк со нивна помош е потребна само слика или малку аудио. Порано, вели таа, за да се клонира глас се користеле часови говор, а денеска со предностите на вештачката интелигенција се потребни само 10 секунди.

Многу сериозни медиуми им објавија војна на лажните информации, иако некои од нив тешко се препознаваат. Но, милиони портали низ светот имаат политика на освојување кликови, а со тоа и пари преку пласирање дипфејк кој или самите го креираат или го преземаат од други.