Лажните пораки ќе бидат сè почести, важно е граѓаните да ги проверуваат, изјави Андоновски

48

Треба да бидеме свесни дека во иднина сè почесто ќе се случуваат сајбер напади, но институциите и граѓаните треба да знаат како да реагираат. За таа цел, како што изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во тек е подготовка на закон за сајбер безбедност, кој, како што рече, ќе биде готов до февруари 2025 година.

– Почнува со работа работната група на првиот закон за сајбер безбедност. Македонија е единствената држава во регион и во ЕУ што нема закон за заштита на информациските системи или т.н. закон за сајбер безбедност. Во работната група учествуваат претставници од повеќе министерства и институции и до јануари 2025 година ќе биде подготвен нацрт-законот, кој ќе биде објавен на ЕНЕР, и ќе следува јавна расправа. Се очекува да биде готов во февруари и да се најде пред пратениците во Собранието – изјави Андоновски и додаде дека тој ќе биде усогласен со Националната стратегија за сајбер безбедност, која е во владина процедура и која ќе биде донесена до крајот на годинава.

Во однос на последниот сајбер напад на Фондот за здравство, Андоновски рече дека ваквите лажни пораки што им се испраќаат на граѓаните, во иднина ќе бидат сè почести, но дека е важно навреме да се препознаат и да се реагира.

– Во моментов, и во други држави постојат лажни пораки што им се испраќаат на граѓаните. Лажни и-мејл пораки стигнуваат и од „Фејсбук“, и од „Мета“ и од „Гугл“. Добро е што Фондот за здравство предвреме ги информира граѓаните за вакви лажни пораки. Ова ќе се случува и во наредниот период, на секои 11 секунди некоја институција во светот е под сајбер напад. Приватни лица и институции и во иднина ќе сакаат да предизвикаат сајбер напад, но важно е да имаме протокол на однесување, како ќе се поставиме кон проблемот што сакаме да го решиме – вели Андоновски.

Тој додава дека ваков вид инциденти ќе се случуваат и во иднина и дека никој не може да ги спречи. Важно е да се разбуди свеста кај граѓаните, да реагираат соодветно и да ги проверуваат пораките.

Целта на ваквите сајбер напади на институциите, како што рече, е финансиски бенефит или упад во системот со цел да се дојде до некои податоци што потоа би се продавале.

– Нема простор за загриженост, но институциите треба да знаат како да реагираат во ваков случај. Нашиот следен чекор ќе биде мониторинг на системите со цел превентивно да знаеме кои системи се добри, кои се во опасност, кои немаат соодветна заштита, кои треба да се доработат… – појасни министерот.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ