Копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина Митевска во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали Берлин, Венеција, и Кан и се наградувани и прикажувани низ светот. Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, Швајцарија, каде што лично ќе ја прими наградата
Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинешната „Еуримаж“ награда за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ и Европската филмска академија.
-Наградата ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страсно посветена на европската кинематографија. Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни копродукции кои се гордост на фондот „Еуримаж“, се вели во образложението на жирито. Како што е познато Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.
Наградата ја потврдува клучната улога на копродукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.
-Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта која ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајните филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија, изјавија од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
Копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали „Берлин“, „Венеција“, и „Кан“ и се наградувани и прикажувани низ светот.
„Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу труд сè е можно. Оваа награда е уверение дека ѝ припаѓаме на Европа кога работиме европски“, изјави Лабина Митевска.
Таа ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, Швајцарија, каде што лично ќе ја прими наградата.
Инаку, „Еуримаж“ наградата за меѓународни копродукции ја доделува Европската филмска академија во соработка со „Еуримаж“ заедно со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа.
Лабина Митевска е членка на Европската филмска академија и е национален претставник на ЕАВЕ (Европски аудиовизуелни претприемачи). Во 2014 година беше дел од Продуценти во подем на ЕФП (Европска филмска промоција) на Канскиот филмски фестивал. Од 2022 е дел и од продуцентскиот тим на белгиската филмска компанија „Ентр Шиан“ е Лу (Entre Chien et Loup).
Лабина Митевска има продуцирано девет филмови со поддршка на Еуримаж, од кои шест се како мнозински продуцент: „Јас сум од Титов Велес“, „Жената која ги избриша своите солзи“, „Кога денот немаше име“, „Господ постои името ѝ е Петрунија“, „Најсреќниот човек на светот“, „Скејтањето не е за девојчиња“. Како малцински ко-продуцент беше вклучена во следниве филмови поддржани од „Еуримаж“: „Сиераневада“ од Кристи Пују, „Дивата круша“ од Нури Билге Џејлан, и „Празник на трудот“ на Пјер Жалица.